Маричиќ: Кога ќе завршиме со преговорите со Бугарија, очекуваме ЕУ да испорача што ветила
Жозеп Борел за време на посетата на Македонија и Албанија настапи со истрошени фрази, и наиде на жестока критика во двете земји. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ посетата на Борел за Утрински брифинг ја толкува поинаку.
-За нас посета на висок претставник од ЕУ е добра вест. Треба да сме задоволни од посетата на Борел, а целта беше ЕУ да се заблагодари за поддршката што ја даде Македонија за Украина и да се даде поттик за завршување на преговорите со Бугарија. Ние не очекуваме никој ништо да ни вети, имаме напредок во реформите и го решаваме спорот со Бугарија. Ветувања и досега сме добивале безброј па ништо не се случило. Кога ќе завршиме со преговорите со Бугарија, очекуваме ЕУ да испорача, вели Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања за Утрински брифинг.
![](https://slobodenpecat.tv/wp-content/uploads/2022/03/IZJAVA-.02_09_07_23.Still2000-1024x576.jpg)
Маричиќ вели дека Владата е во комуникација со Брисел за тоа како да ѝ се помогне на Македонија во оваа економскка криза. Владата прави сѐ што може за да го одржи стандардот на граѓаните и затоа се донесени низа мерки. Ќе има поддршка и за повеќе земји, па очекуваме дека овие ветувања се реални, вели Маричиќ.
Од посетата на премиерот Димитар Ковачевски на Брисел се очекува да се остварат средби на високо ниво, меѓу другото и на оваа тема.
-Ние во регионот имаме направено најдобри економски мерки и тоа сите го признаваат. Но, продолжувањето на војната никому не одговара. Во наш интерес и интерес на Европа е војната бргу да престане за да можат да се изменаџираат последиците од кризата, вели Маричиќ.
Во врска со хибридната војна во регионот, нивото на пропаганден напад секако е повисок во Бугарија оти таа била во источниот блок па има посилни структури. Кај нас не е до тоа ниво, но не е за занемарување. Имаме портали кои ги пренесуваат ставовите на Путин. Битно е да останеме на вистинската страна, да му помогнеме на украинскиот народ колку што можеме и оваа војна да заврши, изјави Маричиќ за Утрински брифинг.