🎥 Николовски: Мицковски ги доби сите услови и пак се однесува неодговорно, избори 22 дена по вонредната состојба

You must need to login..!

Опис

За СДСМ нема друг датум за избори, туку како што предвидува Уставот, 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, тие ќе се случат, изјави во Утрински брифинг, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

„Свесни сме за сите можни сценарија, дека Собранието не може да се врати и дека уредбата на Владата со која се стопираат изборните дејствија, Уставниот суд ги прогласи за уставни. И единствена можност да имаме избори подоцна е вонредната состојба да трае, но тоа не е одговорно. Затоа сите релевантни чинители велат дека сега е моментот кога стивнува короната, кога се создадени услови, тоа е потврдено и од Комисијата која Мицковски викаше дека е на ниво, а сега ја деградира. Сите услови се исполнети и ние треба да ги спроведеме изборите“, посочи Николовски.

Според него, партиите влегоа во реализација на изборните дејствија пред прогласување на пандемијата со корона вирусот, а ВМРО ДПМНЕ прифатиле да бидат дел од техничката влада, да учествуваат на избори, поднеле листи, ставиле печат, ждребувале бројче и сега останува прашањето само дали ќе учествуваат во кампањата.

„Не станува збор за бојкот туку Уставот кажува дека изборите треба да се случат  22 дена по завршувањето на вонредната состојба. А препораките на сите институции пред кои Мицковски постави услови, ги доби вчера и сега нема изговор. За жал вчера поради незрелото однесување на Мицковски кој ги бараше овие лидерски средби, не останува ништо друго освен спроведување на изборите 22 дена по вонредната состојба“, дециден е генералниот секретар на СДСМ.

Тој ги отфрли сите шпекулации за било какви билатерални разговори со ВМРО ДПМНЕ, бидејќи опозицијата, вели Николовски, ги доби сите посакувани услови.

„Сега негираат на незначајни техникалии со цел да купат време. Со ова неодговорно однесување ја носат државата во нова криза. Ние тоа нема да го дозволиме и се подготвуваме за избори 22 дена по завршување на вонредната состојба. Се најавува нов пик од страна на СЗО. Не можат да се прекинат дејствијата, сосема неодговорно е сега да се бараат нови  изговори“, дополни Николовски.

Воедно генералниот секретар на најголемата владејачка партија, се повика и на Комисијата за заразни болести и на Светската здравствена организација.

„Релевантните институции кажуваат дека се е моментот. Мицковски бара да нема ниту еден заболен, а тоа ниту СЗО не може да го гарантира. Анкетите и истражувањата покажуваат дека граѓаните го сметаат тоа однесување за неодговорно. Додека државите од соседството регуларните избори ги забрзуваат, се однесуваат одговорно, Мицковски бара нешто невозможно. Кој гарантира дека во август или септември нема да има заболени?!“, прашува Николовски.

Во изјавата во Утрински брифинг, Николовски тврди дека здравственото справување со кризата граѓаните го карактеризирале како многу одговорно, односно дека вратена е довербата во институциите.

„Гледате колкава е поддршката од граѓаните. На почетокот ВМРО ДПМНЕ се исмејуваше. Поднесува кривични пријави за Филипче, но ќе го носат бремето на тие одлуки. Сега на ред е економскиот дел. Политиките државата мора да ги гради. Затоа ни се потребни легитимни институции, Влада и Парламент. Техничката влада одлично се справува со кризата, но не смееме државата да ја носиме во нова криза“, дополни Николовски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

19 + eleven =