🎥 Ангеловска: Знам дека се разочарани тие што не добија платежни картички, но некаде мораше да се стави граница

You must need to login..!

Опис

Министерката за финансии, Нина Ангеловска денеска во Утрински брифинг на Слободна ТВ, ги објаснуваше критериумите и условите, според кои се доделуваат платежните картички. За незадоволството на сите кои не ги исполнија критериумите, таа истакна дека некаде морале да направат граница.

Мора да се има во предвид дека границата мора некаде да се постави. Ние ја поставивме, малку погоре од минималната плата, односно на 15.000 денари. Значи, за да добијат платежна картичка од 9.000 денари, не треба да оствариле приход поголем од 60.000 за првите четири месеци. Јасно е дека тие што имаат повисоки примања се незадоволни, но незадовилни ќе беа на пример и тие што имаат 16.500 ако границата беше 16.000 денари. На невработени кои не се активни баратели на работа им се даде можност од 5 дена да се трансформираат во активни баратели и да добијат платежна картичка. Такви има 5.000 лица, истакна министерката.

Таа објасни дека Владата донела уредба и за тие кои ја изгубиле работата во периодот од 11 март до 30 април, а кои не можат да остварат надоместок по основ на невработеност.

Тоа се лица кои спогодбено го прекинале работниот однос, бидејќи се кажуваше дека има злоупотреби од страна на работодавците, лице кои самоволно дале отказ, лица кои биле отпуштени или имаат прекин во стаж. Нив во нормални услови не им следува финансиски надомест. Со уредбата на Владата на сите нив им следува финансиски надомест во времетраење од два месеца. За оваа мерка досега има околу 3000 пријавени граѓани а можноста за пријавување трае уште неколку дена, што значи дека и овие граѓани не се заборавени, истакна Ангеловска. И покрај сетот мерки за субвенционирање на плати на работодавците, со цел да не се отпуштаат работници, во АВРМ од март до сега се регистрирани околу 13.000 невработени лица. Според Ангеловска, невозможно е да се бара од работодавците да не отпуштаат работници, ако се соочуваат со криза во работењето. – Сите мерки беа креирани за да се заштитат работните места, а за тие што останаа без работа креиравме мерки за финансиски надомест за да не останат без приход. 140 000 вработени се опфатени во мерката за исплата на плати, која покрај за месеците април и мај, ќе потрае и за месец јуни.

Работните места со користење на оваа мерка се заштитени бидејќи работодавачите кои ќе ја користат мерката заклучно со јуни, ќе мораат и во август да ги задржат вработените. Значи, заштитивме многу работни места, но сепак би било несериозно да кажеме дека нема да има такви кои нема да ја изгубат работата. За нив се предвидени другите мерки како надоместок за невработеност и домашната платежна картичка, нагласи Ангеловска. Таа потсети дека рокот за поднесување претставки поврзани со платежните картички е до утре.

Најнова информација што ја имам од утринава е дека до крајот на неделава се очекува да бидат дистрибуорани околу 100.000 картички, информира Ангеловска.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

15 + 19 =