Јовановска: На интервју за вработување директор на телевизија ме праша кој ќе ми ги чува децата

You must need to login..!

Опис

Според статистиките новинарството е женска професија, бидејќи во редакциите има повеќе жени отколку мажи, но ако гледаме според тоа кој ги носи главните одлуки, кој е ударната тупаница – тогаш е машка професија.

„Според последното истражување на Агенцијата за медиуми (АВМУ) за тоа каква е родовата еднаквост во телевизиите и радијата во државата, се покажува дека мажите се доминантни и меѓу сопствениците, управителите, директорите, уредниците, односно сите оние кои ги носат одлуките. Па така од вкупно 57 менаџерски позиции во сите радија на 40 се мажи, 17 се жени. Кај телевизиите односот е уште подрастичен: од 50 директорски места на 41 се наоѓаат мажи, а само 9 се жени и сите раководни личности кои пријавиле приход повисок од 50 илјади денари се мажи“, вели Маја Јовановска новинарка во ИРЛ.

Таа откри и лично искуство на дискриминација. „Кога бев на интервју за вработување во две национални телевизии, едното беше со директор маж, второто со менаџер жена, добив едно исто прашање: а кој ќе ти ги чува децата? Јас бев запрепастена и верувам дека ниту еден маж, во ниту една професија не добил вакво прашање за тоа каков е неговиот семеен статус, дали има време после работа, дали прави ручек…

Така што особено кај јавните функции многу е поголем товарот што го носи жената отколку мажите, а тоа е затоа што ние генерално сме заглавени во некој патријахален и традиционален ментален склоп и се’ уште сметаме дека местото на жената е дома, да се грижи за децата. Така што секогаш на жена која е успешна и’ се поставува прашањето како го балансира приватниот и професионалниот живот и слично, а најстрашно е што тие прашања доаѓаат од жени“, објаснува Јовановска.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

3 × 2 =