Јане Чаловски: Нужно е Министерството да ги промени начините на работење со независниот културен сектор

You must need to login..!

Опис

ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена реагира на начинот на кој се спроведуваат проектите добиени преку конкурсот за проекти од национален интерес. Независната сцена смета дека е потребно подобрувањето на административните постапки и техники на Министерството за култура. Асоцијацијата упати отворено писмо до Министерството и лично до министерката Стефоска.

„Ова писмо е резултат на повеќемесечно следење на односот на Министерството за култура кон вонинституционалниот културен сектор и процесирањето на многу од заеднички договорените проекти. Бирократизацијата е навистина опасна работа, тоа е дел од промените. Иако ги пофалуваме оние промени кои Министерството се труди да ги спроведе, ова не е таа промена што се бара. И кај европските фондови и во регионот може да се види дебирократизација на процесите, а кај нас тој тренд е спротивен. Истовремено, се нема чувство за севкупната ситуација во земјата, а всушност се нема чувство и одговорност кон независниот сектор, сите негови чинители како една прекаријатна група. Последната капка во чашата беа договорите што ги потпишуваме со Министерството. И лаички да ги погледнете тие договори ќе се сфати дека е едностран. Корисниците се обврзуваат на нивните обврски, а Министерството не се обврзува на скоро ништо, притоа се наметнуваат многу нови обврски.

На пример, неразбирливо е зошто се наметнува да се отвараат нови наменски потсметки за средствата што се доделени, а тие воопшто не се големи суми и не се работи за практика која е вообичаена. Второ, Министерството никогаш не се обврзува кога ќе ги исплати средствата. А тоа многу доцни, имаме информации за членки на ЈАДРО кои немаат добиено средства за проекти кои се од пред две или три години, а биле уредно реализирани, со предадени извештаи во Министерството. Кога ќе се исплатат тие средства? Исто така, Министерството ги објавува резултатите од конкурсот со доцнење, решенијата и договорите исто така се подготвуваат со доцнење и притоа Министерството може да го раскине договорот ако така утврди.

Министертвото треба да сфати дека вонинституционалната култура е исто толку важна како и инстиуционалната. Чувството е дека независниот сектор се гледа како непосакуван партнер. Не смее да биде така, затоа што во тој сектор има извонредни луѓе и организации кои се вклучиле во многу процеси на подобрување на културните политики во нашата земја. Имаме изобиле од знаење и идеи и перспективи, а Министерството тоа никогаш не успеа да го увиди“, вели за Утрински брифинг, Јане Чаловски, претседател на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена. Тој соопшти дека утре (четврток, 22 април) претставници од Асоцијацијата ќе се сретнат со министерката Ирена Стефоска.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

19 + seventeen =