Ѓоргиева: Податоците од пописот ќе ги споделиме по шест месеци

You must need to login..!

Опис

По цели 19 години отсуство, Република Северна Македонија на прагот да ја заокружи најобемната статистичка операција, попис на населението, становите и домаќинствата. Пописот започна на 5 септември, а денеска е последен ден за собирање на овие податоци.

Од осамостојувањето на земјава досега целосно се спроведени само две вакви операции во 1994 и во 2002 година.

Статистичките резултати, добиени од податоците собрани од пописот, освен за статистички цели, се користат и за макроекономски планирања, креирање на развојни политики, научни анализи и за низа други истражувања.

-Наша обврска е по 6 месеци од теренски активности да ги објавиме податоците од пописот, вели за Утрински брифинг Јасмина Ѓоргиева, портпарол на Државниот завод за статистика.

На денешниот последен ден од пописот Ѓоргиева вели дека во ДЗС владее една возбуда од оваа операција што ДЗС долго ја подготвуваше и вложи огромен труд. Од ДЗС се задоволни од текот на попишувањето, а се чека вечер во 20 часот да се повлечат попишувачите и да се започне со следната фаза,

-Нема потреба од продолжување на операцијата. Во некои општини веќе нема попишување на терен, завршена е. Во погусто населените општини пописот сѐ уште трае. Ги охрабруваме граѓаните кои не биле попишани да дојдат во канцелариите на ДЗС и да го сторат тоа, вели Ѓоргиева за Утрински брифинг.

Точна бројка на попишани до синоќа е 1.813.153 граѓани, 562.110 домаќинства и 829.585 станови, а од дијаспората околу 210 илјади граѓани.

-Не знаеме уште колку треба да се попишат оти податоците со кои располагаме се застарени, а во меѓувреме имаше и внатрешни и надворешни миграции. Не можеме ни да претпоставиме какви се бројките, вели Ѓоргиева за Утрински брифинг.

Повиците за не отворање врата нема да имаат влијание врз резултатите оти, како што вели Ѓоргива биле изолирани случаи иако тоа го одолговлечи пописот бидејќи попишувачот мора да направи извештај за оние кои одбиле да се попишат. Ѓоргиева вели дека сепак голем број домаќинства по неколку посети од попишувач, на крајот сепак се попишале. Оние пак кои не беа тука туку од оправдани причини беа во странство можеа да се попишат преку апликација за самопопишување.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

twelve + two =