Шелева: Богомил Ѓузел е македонски писател но неговото творештво има универзален предзнак и доправа ќе се проучува и надвор од нашите граници

You must need to login..!

Опис

На 22 април почина академик Богомил Ѓузел, поет, драмски писател, есеист, раскажувач, преведувач. Во разговор за Утрински брифинг, професорката Елизабета Шелева потсети на неговото творештво, но и на некои од клучните настани од развојот на македонската книжевност и култура во кои главна улога одигра токму Ѓузел.

„Лично го запознав Богомил Ѓузел токму годината кога беше основано Здружението на независни писатели, во 1994 година, тоа беше на почетокот на нашата бурна транзициска фаза. Во тоа време издадовме една повелба во која се залагавме за отфрлање на национализмот, за отфрлање на провинцијализмот, на секаква манипулација со естетските вредности на литературата во полза на некакви тесно политички интереси. Ова Здружение делуваше во насока на тоа да се обнови замрената соработка со сродните здруженија од регионот, бидејќи и во Србија и во Хрватска постојат слични книжевни здруженија. Како резултат на тоа почна да излегува списанието „Наше писмо“, а Богомил Ѓузел беше уредник на редакцијата.

Инаку, Ѓузел го паметам пред се’ по неговата невидена писателска страст, иако беше болен, до последниот миг бараше нови книги – од новите нобеловци до новите списанија, беше редовно претплатен на американски книжевни списанија, а исто така го интересираа теми од историјата и други теми од културата И кога се работи за Струшките вечери на поезијата, Богомил Ѓузел има дадено навистина голем влог. Тој беше директор на фестивалот од 2000 до 2005 година, претходно беше уметнички директор и член на Советот на СВП, неговиот влог особено се гледа во отворањето на Струшките вечери кон оние литератури и автори кои доаѓаа од запад во периодот на 60-тите и 70-тите години, особено од Америка. А судбината сакаше 13 години по Богомил Ѓузел и јас да се најдам во Управниот одбор на Струшките вечери и можам да кажам дека му се обраќав за драгоцени совети кога имаше потреба, бидејќи тој активно ги слетеше сите текови на современата македонска книжевност“, вели за Утрински брифинг професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Елизабета Шелева.

Таа додаде дека иако Богомил Ѓузел е македонски писател, неговото творештво е со универзален предзнак за човештвото и културата и затоа го читаат и го уважуваат и надвор од нашите граници, а неговото творештво допрва ќе се проучува.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

nineteen − 16 =