Чолакова: Денешниот протест е последен крик на матичните лекари

You must need to login..!

Опис

Денеска трет пат здружението на приватни лекари ќе организира протест за спас на опстанокот на приватното здравство во Македонија. Барањата се упатени кон Министерството за здравство и кон Фондот за здравствено осигурување, институции кои досега останаа глуви на нашите барања, рече денеска во Утрински брифинг претседателката на здружението на матични лекари, Лилија Чолакова Дервишова.

  • Со ФЗОМ немаме преговарано веќе неколку години, проблемите се наталожија поради што сега имаме повеќе барања кои бараме да ни се исполнат. Првенствено, зголемување на капитацијата која сега изнесува 63 денари, додека капитациониот бод на стоматолозите изнесува 48 денари, пари кои се недоволни да се покријат сите трошоци на приватните ординации. Крајно време е да се размислува за нова методологија на плаќање но тоа би можело да се применува од следната година. Сега, ургентно на цело примарно здравство потребно е да им се покачи капитациониот бод и да им се зголемат буџетите. Исто така бараме режимот на лекови за хронично болните да важат за цел живот, наместо на пример за лек за потврдена Паркинсова болест да ги препраќаме пациентите на секундарно ниво, објаснува Чолакова.

Матичните лекари бараат од Фондот да не им ги брише пациентите во случај вработениот лекар да си замине од работното место.

  • Често се соочуваме со огромен финансиски проблеми откако лекарот кој сме го обучувале одлучил да си замине, затоа што пациентите кои биле регистрирани кај него ФЗОМ вднаш ги брише. Тоа не смее да биде така, тие пациенти треба да си останат како матични пациенти во ординацијата без разлика кој е нивниот лекар, бидејќи тие секако ја добиваат неопходната медицинска услуга. За споредба, ако еден специјалист си замине од работно место во болница, одделението не се затвора, а во нашиот случај малите ординации се соочуваат со опасност од затворање поради бришење на пациентите, објаснува Чолакова.

Матичните лекари исто така бараат и да се промени казнената политика.

  • Последниот во низата на казнети лекари беше вчерашниот случај со колега од Штип кој е казнет со 15.000 денари поради ситна административна грешка. Ниту една земја во светот не казни доктори во време на пандемија, кога сите работеа од дома, ние бевме на работа и помагавме на пациенти. Крајно одговорно тврдам дека матичните лекари се многу квалитетни и стручни, за што добиле диплома од Медицински факултет и лиценца за работа од Лекарска комора. Фондот треба да престане да се однесува како да е над нас, ние имаме приватно јавно партнерство и тоа треба да се почитува. Бараме со анекс да се промени казнената политика, дополнува Чолакова.

За протестот во 12 часот пред Министерството за здравство информиран е министерот Беким Сали, но докторите се уште не се повикани на официјална средба.

  • Ова е последен крик за спас, последен обид да ги задржиме докторите а возрасните лекари достоинствено да дочекаат пензија. На протестот кој ќе трае половина час ќе дојдат доктори, медицински сестри и специјалисти од цела Македонија.

Околу петстотини приватни ординации со мал број на пациенти се соочуваат и со проблем да го исполнат законскиот услов според кој на лекарите ќе им исплатат 18.000 денари плата, а меѓу барањата на лекарите е да се укине индустриската струја во приватните здравствени ординации.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

3 + six =