Хуманост на дело-студентот Куштрим волонтерски помага во Ковид центар

You must need to login..!

Опис

Куштрим Амити, студент од шеста година на Факултетот по медицина е еден од волонтерите кој се пријавил да работи во ковид центрите каде што поради зголемениот број на пациенти имаше потреба од помошта на судентите. Тој и неговите колеги, студенти несебично им помагаат на пациентите болни од ковид-19, но и на повозрасните лекари. Како се случило неговото волонтирање, дали му било страв од зараза и дали научил нешто од деновите поминати во црвената зона, Куштрим денеска раскажа во Утрински брифин.

-Кај сите млади студенти е развиено чувството за хуманост. Од самиот почеток на пандемијата ние студентите сакавме да се вклучиме во медицинските тимови, но тоа се случи дури откако претседателката на Студентскиот парламент на Медицинскиот факултет, Теа Михајлова во договор со останатите студенти упати барање до министерот Филипче, до доктор Дејан Докиќ кој е одговорен за ковид центрите како и до деканот на факултетот Соња Топузовска, за да ги вклучи апсолвентите на Медицинскиот факултет, како засилување на докторите.

– Првиот ден имавме кратка обука со доктор Докиќ. Ни беше објаснето како да помагаме, што треба да правиме и како да се заштитиме при вллез во црвените зони. Наша задача е да му помагаме на докторот почнувајќи од административниот дел, подготвување на исписи, па се до влегување во црвените зони, контрола на пациенти, мерење на витални параметри, сатурација, пулс, крвен притисок итн. Цело време сме под надзор на доктор пулмолог. За тоа не добиваме никаков паричен надомест, се е на доброволна основа, и секој студент може во било кое време да се откаже од ангажманот, вели Куштрим. Тој не крие дека се плашел дека ќе се зарази од вирусот, но вели дека ако се почитуваат сите мерки веројатноста од зараза е мала. -Секогаш постои страв во некоја мера, дали правилно сме постапиле, што ако се заразиме, дали ќе го однесеме вирусот дома, или некаде каде што одиме…

Сепак, мислам дека со професионално однесување, ширењето на вирусот може да се контролира, вели Куштрим. Според него, и покрај опасноста која ги демне во ковид центрите, неговата генерација студенти на медицина се среќни што им се дала шанса, да работат во време на пандемија која се случува еднаш на сто години.

–  Освен што помагаме, ние тука и учиме. Вакво искуство не може да добие секој студент по медицина, бидејќи ваква пандемија се случува еднаш на сто години, се надевам никогаш нема да се повтори, но придобивката да се волонтира во ковид центрите е од огромно значење за нас. Од друга страна сите што бевме доброволно ангажирани во ковид центрите сме ослободени од плаќање на партиципација за семестарот, објаснува Куштрим. Куштрим во меѓувреме дипломираше и размислува за специјализација на пулмологија или пластична хирургија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

15 − eight =