Хуманитарецот Али Февзи прогласен за маж на годината: Наградата е признание за мојата работа

You must need to login..!

Опис

Али Февзи е бербер од Скопје кој пред осум месеци, поточно од почетокот на Ковид кризата почна да им помага на лица во социјален ризик. Неговата дејност почна скромно, на почетокот им помагаше само на неколку семејства на ден. Но откако за неговата хуманитарна дејност се слушна насекаде, брзо се зголеми и бројот на семејства кои од Али бараат помош и спас во тешките денови. Како признание за неговата хуманитарна работа, и помошта која секојдневно им ја дава на 500 социјално загрозени семејства од кои 300 се од Скопје, пред се на самохрани мајки и татковци, тој во силна конкуренција од голем број успешни луѓе од општествениот живот во Македонија меѓу кои и министерот за здравство Венко Филипче, ја доби наградата „Маж на годината“.

– Се повеќе има гладни и сиромашни. Без оглед на вера и нација сакав со мојата хуманост да ги спојам и успеав во тоа. Но, во овој момент ми е најтешко. Сам обезбедувам средства а семејства се многу, помислувам и да се откажам. Ама од друга страна многу ми е тешко да ги одбијам сите кои ми бараат основни средства за живот. Поголем дел од нив се задоволни со храна и пелени, вели Али. Тој вели дека негова желба е да отвори народна кујна, но сам тоа не може да го реализира. Го продал и автомобилот БМВ Х5, а дел од парите од продажбата ги наменил за да обезбеди храна за сиромашните.

– Потребна ми е помош од институциите но и од големите компании за да можам да отворам народна кујна. Во неа ќе ги вработам самохраните мајки и татковци кои во неа ќе работат и ќе можат истовремено да ги нахранат децата. Јас несебично давам колку што можам. Дури и колата ја продадов. Парите не ги штедев, дел од нив ги наменив за да им помагам на луѓето. Се сретнав и со претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, кој вети дека ќе ми помогне. Добро ќе биде ако го одржи ветувањето, не за мене, туку за сите што чекаат помош, рече Али. Поради потребите за он лајн наставата Али почнал да обезбедува и таблети а неодамна извадил пасош на бебе кое денеска треба да патува во Истанбул на операција. Во целата организација му помогнала Розета Георгиевска.

– За Али дознав од Фејсбук, дојдов во неговиот берберски дуќан за да донирам средства и видов како од свој џеб и дава на една мајка пари да купи јадење за детето. Од тогаш одлучив дека сакам да бидам негова поддршка. Ја отворив страната „Биди Али“ и за два месеци имаме над 6.000 следбеници. Имаме поддршка и од нашинци кои се во странство, кои секој месец ни носат пакети. Со свој автомобил помошта ја носиме кај семејствата, се трудиме барем малку да им го подобриме животот, рече Розета.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

4 × 5 =