🎥 📞Тодоров: „Корона избори“ што е можно побрзо – не смееме да дозволиме полуфункционални институции и суспендирана демократија

You must need to login..!

Опис

Во моментов имаме техничка Влада со ограничени овластувања. Од друга страна немаме парламент. Јасно е дека целиот живот се промени и во таква ситуација не можеме да дозволиме да ризикуваме да останеме во една неизвесна ситуација. Вирусот е нов и научниците не можат да кажат дали и кога ќе има втор бран. Но никој не може да каже дека ќе нема. Ако е тоа така ние не можеме да дозволиме да имаме полуфункционални институции и да се суспендира демократијата, изјави за Утрински брифинг, поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, говорејќи за случувањата на политички план, неработењето на Собранието и евентуалниот брз датум за избори во време кога КОВИД-19 е присутен и актуелен.

-Мислам дека политиката треба да биде одговорна работа и таа не е од денес за утре. Ако денеска како политичар се раководам од тоа дали ќе победам или загубам на избори тогаш праќам лош сигнал кон електоратот – дека сум заинтересиран само за доаѓање на власт. Тоа е катастрофично. Ние не смееме да мислиме – ај да биде полошо на народот за нас да ни биде подобро. Ако сите тврдат дека ќе победат, а немаме функционални институции, јас не гледам причина зошто да не одиме на избори па ајде што биде нека биде, вели Тодоров.

-Предлагам да се размисли да се продолжи времетраењето на изборниот ден за дополнителни 3 часови, односно наместо да заврши во 19 часот, да заврши во 22 часот. Летен период е и ова не би требало да биде проблем. Исто така може да се предвиди постарите лица (над 67 години) да гласаат до 11 часот и од 21-22 часот (последниот час од гласањето обично е со помала излезност). Сите останати да можат да гласаат во интервалот од 11-22 часот. Здравствените власти треба да развијат и објават задолжителен протокол кој ќе содржи мерки кои треба да се преземат со цел намалување на ризиците по здравјето на граѓаните на денот на гласањето.

-Веројатно е дека ќе мора да се предвиди задолжителна дезинфекција на рацете на секој кој ќе влезе во просторијата за гласање, задолжително носење на маска и задолжително држење на пропишана физичка дистанца. Заради утврдување на идентитетот веројатно е дека маската ќе мора привремено да се трне. Бидејќи најчесто гласањето се одвива во училишта или градинки, чекањето треба да се организира во дворовите. Исто така добро е да се размисли и за зголемување на бројот на избирачките места, па гласањето да се организира на истите локации, но во повеќе простории/училници, со цел на секое избирачко место да има помал број на запишани избирачи. Согласно постојниот изборен законик бројот на избирачи кои гласаат на избирачкото место не може да биде поголем од 1.000 избирачи, па може да се размисли овој број да се редуцира на 700 или помалку избирачи. Ако излезноста се движи во просек околу 60% (што е прилично оптимистички имајќи во предвид дека излезноста на претседателските избори беше околу 46%) тоа значи дека во една просторија во просек ќе гласаат околу 420 лица, односно во просек 28 лица во еден час.

Исто така, треба да се размисли при гласањето на болни и изнемоштени, кое се одржува претходниот ден, да се овозможи да гласаат и сите останати лица кои се во здравствен ризик (хронично болни) доколку изразат желба за тоа. Ова ќе овозможи хронично болните да гласаат во својот дом на ист начин како што тоа го прават болните и изнемоштени. Јас не очекувам тој број да биде 200.000, туку далеку помал број, додаде Тодоров во Утрински брифинг.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

twelve − six =