Теодора и Андријана ја победија леукемијата, а сега им помагаат на деца болни од малигни болести

You must need to login..!

Опис

Здружението на граѓани „Сано“ кое им помага на децата кои се борат со малигни болести функционира веќе две години, а негови редовни активисти и волонтери се деца кои ја победиле леукемијата, а сега слободното време го поминуваат помагајќи им на болните деца полесно да го пребродат тешкиот период. За нивните хумани заложби, Андријана Серафимовска, Тео Тасев, Теодора Трајковска Трајковска, Бојан Ристовски и Филип Димишковски, кој за жал не успеа да ја победи болеста, ја добија наградата „13 Ноември“.

-Борбата која ние ја добивме против болеста, ни беше поттик и ние да почнеме да им помагаме на другите деца кои се моментално на хематоонколошкото одделение, бидејќи знаеме низ каква голгота поминуваат како децата така и нивните родители, рече Теодора. Психолошка поддршка им се нуди и на родителите, секако доколку им е потребна, а за нив е опремена и родителската куќа наменета за родителите кои доаѓаат од внатрешноста на Македонија, а чии деца се сместени на Детската клиника им нуди престој.

-Родителите кои сакаат да бидат сместени во родителската куќа потребно е да достават потврда од лекар дека нивното дете се лекува на хематоонколошкиот оддел на Детската клиника, по што ние го примаме да престојува во родителската куќа, каде што е обезбедена храна и средства за хигиена. Во куќата има четири апартмани, трпезарија, кујна и дневна соба, нагласи Теодора која пред 11 години се лекувала од леукемија. Во организацијата на граѓани „Сано“ може да волонтираат сите граѓани.

-Ние сме постојаните волонтери, но има проекти за волонтирање, за кои ние објавуваме огласи и на нив можат да се пријават сите кои имаат желба да им помагаат на децата болни од леукемија. Поддршката на волонтерите се состои од волонтирање на клиниката, разговор со децата, подобрување на нивната психичка состојба и надминување на стравот од болеста, информира Андријана. Заинтересираните можат да се информираат на Фејсбук и Инстаграм страните на „Сано“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

2 × four =