Темелковски: Не е точно дека ќе градиме 15 нови згради, тоа го измисли опозицијата

You must need to login..!

Опис

Донесувањето на новиот Детален урбанистички план во Кисела Вода ги налути граѓаните. Жителите на Пржино излегоа и на протест со цел да го искажат револтот против градежните активности кои се случуваат во населбата. Градоначалникот на Општината, Филип Темелковски денеска во Утрински брифинг рече дека е свесен дека луѓето не сакаат да се гради, но потенцира дека има и голем број граѓани кои сакаат да градат на своите парцели.

-Сметам дека опозицијата поради својата безидејност гледа што повеќе дезинформации да изнесе во јавноста, се крева фама за непотребни работи кои што не се ни случуваат. На пример имаме нов ДУП каде што само правиме нова парцијализација, а се пушта информација дека правиме нови 15 згради. Тоа се прави со цел да се направи револт кај граѓаните. Затоа ние организираме и средби со претставници од куќните совети за да дојдат до граѓаните вистинските информации. Пред некој ден се сретнав со граѓаните од градската четврт Ј11, од улицата Пушкинова. Таму и во претходниот ДУП е зацртана градба на зграда и градинка, значи и да не се донесе нов ДУП, секако ќе се изградат објектите. Ново е единствено изградба на нова улица која мора да постои поради изградбата на градинката. Ќе обидеме да најдеме заеднички став со граѓаните за сите недоразбирања, појасни Темелковски. Во врска со протестот во Пржино, тој рече дека се уште ги чека официјалните барања на граѓаните.

-Изградбата на конкретната парцела поради која беше протестот е стопирана поради безбедносни причини. Му дадовме налог на инвеститорот да се санираат сите новонастанати ситуации и да се врати во првобитна состојба земјиштето и да се донесат соодветни елаборати дали има промена во геомеханиката и што значи тоа во однос на безбедноста. Мојот став е дека во општината ќе се гради, но ќе се гради по план. Во иднина кога ќе ги носиме деталните планови ќе бидеме потранспарентни. Верувајте, колку и да има луѓе што не сакаат да се гради, толку има и луѓе што сакаат да градат на својата парцела, рече Темелковски.

Тој додаде дека постапката за јавна анкета е завршена но Комисијата за урбанизам ги нема разгледано сите анкетни листови. -Откако ќе заврши постапката за разгледување на Комисијата ќе имаме средби со граѓаните за да ги информираме што е прифатено, а што не. Некои граѓани сакаат паркинг простор, некои сакаат зеленило, а просторот е мал. Затоа ќе оставиме нашата Комисија да одлучи како е најдобро да се изведе тоа, и ова се однесува на сите делови од општината, и сите нивни предлози, дополни градоначалникот. Новата градинка најверојатно ќе почне да се гради на почетокот на следната година.

-Ние како општина ги обезбедивме средствата за градба, но имаме мали имотно правни проблеми затоа и ја правиме промената во ДУП-от. Доколку побрзо се донесе планот, очекувањата се дека на почетокот на 2021 ќе почне со градба новата градинка. Граѓаните на општина Кисела Вода имаа можност да учествуваат во планирање на буџетот преку он лајн анкетни прашалници. Можноста за доставување на анкетни прашалници заврши на први декември. -Од тоа што можевме да го видиме овие два дена, до нас има пристигнато повеќе од 1.200 анкетни прашалници. Најмногу предлози има пристигнато за подобрување на инфраструктурата и за одржување на зеленилото, тоа значи дека граѓаните сакаат што повеќе зелени површини кои редовно ќе се одржуваат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

19 + 4 =