Спасовски: Во ситуацијава се очекува дека државата треба да покрие се, но секој треба да го понесе товарот

You must need to login..!

Опис

Капацитетите на државата се насочени кон Здравствениот систем кој мора да остане стабилен. Направени се сите подготовки, сите ресурси се насочени кон функционирањето на Здравството и сметаме дека како ќе се движи кривата на инфицирани, Здравствениот систем ќе може да одговори, но најголема улога имаат граѓаните кои мора да ги почитуваа мерките.

Ова е ставот на техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој денеска во Утрински брифинг зборуваше за неколку сегменти од борбата против Ковид 19.

Деновиве зачестуваат барањата на локалните власти за пообемни ингеренции за заштита на своите општини, за што Спасовски вели, сите препораки зависат од епидемиолозите како најстручни лица,.

„Сосема е разбирливо да направиме се, а градоначалниците да бараат ингеренции. Меѓутоа во однос на мерките, ние ги правиме во однос на тоа што стручните луѓе ги предлагаат, она што тие сметаат дека треба да се направи за да помогнеме. Очекувам уште денес да разговараме во однос на дополнителни мерки кои ќе помогнат во оваа состојба и ако се донесе било каква препорака од Комисијата за заразни болести, тоа и денес би го направиле“, изјави Спасовски.

Во однос на ситуацијата во Куманово и брзото носење на одлуката за карантин од 24 часа на целиот град за време на викендот, актуелниот премиер, вели трпението и одговорноста се неопходни бидејќи мерките се носат забрзано.

„Во вонредна состојба брзо се носат одлуки. Одложувањето на мерките во Куманово, немаше да ги намали турканиците по маркетите, затоа  апелираме на трпение и да не се создава паника. Секоја од одлуките треба да биде прифатена и почитувана, имаме оргнаизиран систем… има храна, лекови, развиени се механизми и затоа апелираме и до Куманово и до сите градови да ги почитуваме мерки, бидејќи понекогаш неискреноста пред лекарите, непочитувањето…сето тоа ја отежнува работата на здравствените работници. Се ризикува на поголема зараза. Со одговорност на секој од нас ќе си ги спасиме животите“, изјави Спасовски.

Тој упати критики кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за која рече дека  сака да профитира на грбот на граѓаните и дека  Владата е ориентирана кон управување со ситуацијата, не во политиканство.

Коментирајќи ги пак, економските мерки, Спасовски смета дека банките треба да помогнат малку повеќе без притоа да се загрози банкарскиот систем.

„Врз основа на сите анализи што се прават се носат и мерките, оттаму и првиот и вториот сет економски мерки. Во оваа ситуација секој очекува дека државата мора да покрие се и дека максимум што може да се земе од државата, мора да се земе. Напротив, секој треба го понесе товарот. Ако сите помалку сме незадоволни, ќе успееме да ја постигнеме целта…Освен компаниите има мерки и за занаетчитите. Важно е кога ќе се започне со имплементацијата, да се следат упатствата од Владата за да се искористат мерките. Како ќе се развива ситуациајта, така можеби ќе се носат нови мерки кои уште повеќе ќе помогнат во оваа ситуација“, рече меѓу другото Спасовски додавајќи:

„Банките мора да носат дел од товарот. Банкарскиот систем е можеби најстабилен во регионот, треба да го сочуваме таков. Но еден чекор повеќе можат да направат, без да загрозиме било што. Важно е да помогнат, но без да се загрози банксарскиот систем. Тенка е линијата која не смееме да ја преминеме, оти без стабилен банкарски систем  се става во прашање функционалнаоста на државата“, рече техничкиот премиер во Утрински брифинг.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

three × 3 =