СОС мајка-можност да сте опкружени со љубов откако вашите деца ќе пораснат и ќе заминат секој на свој пат

You must need to login..!

Опис

Снежана Деспотовска 12 години од нејзиниот живот го посветила на хуманоста. Таа сите овие години е згрижувачка во СОС Детското село, каде што во улога на СОС мајка, им дава љубов и грижа на дечињата кои имале помалку среќа во животот. Таа во моментов се грижи за пет деца-тинејџери. Вели не е лесно да се грижи за деца во таканаречени “проблематични“ години, но среќна е што ужива голема почит од децата, а верува дека ја заслужува со вниманието кое секојдневно им го дава.

– Многу лесно се одлучив да бидат згрижувачка во СОС Детско село. За можноста дознав од пријателка која веќе беше згрижувачка. Во тоа време кога ја донесов одлуката да живеам во Детско село, мојата ќерка беше веќе возрасна и немаше потреба од мојата грижа. Затоа одлучив да се посветам на хуманитарната работа. За децата се грижам како да се мои. Им помагам за пишување на домашните задачи, се консултирам со наставничките во однос на наставните задачи. Но, морам да признаам дека и постарите дечиња секогаш излегуваат во пресрет на помалите, па им помагаат околу училишните обврски доколку е потребно, вели Снежана.

Најтешко од се и паѓа разделбата со децата.

Во овие години откако сум тука со многу дечиња се имам разделено, некои наполнија 18 години и го напуштија домот, а други пак се вратија кај биолошките родители, откако се стабилизира состојбата во нивните домови. Разделбата е тешка и за мене и за нив, но ние не се разделуваме засекогаш. Тие многу често доаѓаат да ме посетат, што особено ме радува и ми го полни срцето со убави емоции. Доаѓаат кога се среќни, кога имаат со нас да споделат убави новосто, но исто така доаѓаат и кога им треба утеха и совет. Врската која ја градиме со дечињата е нераскинлива, таа е засекогаш, емотивно признава Снежана.

Покрај семејството на Снежана, во СОС Детското село има уште 12 други семејства. Вкупно таму се згрижени 60 деца на различна воздраст, пол и вероисповест. Во рамки на детското село има и интервентно згрижувачко семејство во кое се сместуваат деца на кои им е потребна грижа во моментот, односно деца во силен социјален ризик.

– Овие деца кои интервентно се сместуваат кај нас, тука остануваат најмногу 30 дена, по што се прави проценка каде понатаму ќе бидат сместени во системот на социјална заштита. Ние како СОС Детско село се уште имаме потреба од нови згрижувачи. Сите заинтересирани можат да се обратат кај нас и доколку одлучат да станат згрижувачи да поднесат барање до Центарот за социјални работи Скопје. Згрижувач може да биде секој кој ќе ги исполни условите, а тоа е да бидат на воздраст од 18 до 65 години, да не се осудувани да не им е одземено родителско право, да се психофизички здрави и да се работоспособни, вели менаџерката на СОС Детско село Виолета Георгиевска.

Освен љубов и грижа, на децата им се неопходни и материјални средства, кои Детското село се обидува да им ги обезбеди. Сите деца кои се на училишна воздраст имаат лап топ и деск топ компјутери, како и останати реквизити за нормално функционирање, но им недостасуваат играчки, топки, велосипеди, тротинети и се што би можело да посака едно дете.

– Има општествено одговорни компании кои донираат, како и индивидуалците, но тоа се сведува на еднократна донација. Ретко кога имаме континуитет во донациите. Од друга страна спортските реквизити, велосипеди, тротинети… често се оштетуваат па неопходно е да ги обновуваме. Убаво би било кога би ги прашале и децата за да си кажат што им недостасува, рече менаџерката на Детско село на нашето прашање што им недостасува најмногу на дечињата згрижени во СОС Детското село.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

eleven − 6 =