Смаиловиќ: Загрижува карантинот на малолетни деца бегалци на кои не им е дозволен ниту свеж воздух

You must need to login..!

Опис

Загрижувачки е односот кон мигрантите и бегалците во Македонија за време на пандемијата, вели активистката Мерсиха Смаиловиќ во денешното гостување во „Утрински брифинг“. Според неа, малолетни деца се држат во карантински контејнери без пристап до свеж воздух.

„Загрижувачки во време на пандемија е моментот на јасна дискриминација. Во март 2020 година Владата донесе одлука Винојуг да биде прогласен за карантинско подрачје за мигранти, бегалци и ирегуларни странци. И тоа трае 25 дена за разлика од 14-дневен карантин за нашите државјани. Не ни е јасно како е направена таа дистинкција.

За македонските граѓани карантинот беше повлечен, за мигрантите се уште трае. Поднесена е жалба до МТСП но тие само се повикуваат на Законот за меѓународна и привремена заштита без да го образложат нивното задржување со решение. И ден денес мал број на мигранти и бегалци поминуваат во карантин. Карантинското задржување е против човековите права, дозволено им е само до тоалетите со придружба, а не и на свеж воздух и сл. Најранливи се децата на кои не им е дозволено да излезат од тие контејнери“, вели Смаиловиќ.

Активистката од Легис потенцира дека кризната состојба која со одлука на Влада е продолжена седма година по ред на јужната и северната граница, не ги дефинира транзитните центри, а со тоа и статусот на мигрантите.

„Она што нас, како постојано пристуни на терен, ни пречи, е статусот на тие прифатно-транзитни центри. Тие немаат статус, правилници за работа, дефинирани надлежности и пристапот до јавни информации каде што ги прашуваме институциите како МВР, Министерство за труд и социјална политика (МТСП) или Центарот за управување со кризи, именувањето секоја институција различно го толкува, дали се привремени или прифатно транзитни, така што не загрижува статусот на овие центри кои се од затворен тип. Секоја кризна состојба значи ограничување на одредени човекови права“, напоменува Смаиловиќ.

Во однос на пристапот до имунизација, таа објаснува дека во транзитните центри не се врши регистрирање на луѓето кои влегуваат во него.

„Веб страната за вакцинација бара матичен број, така што македонскиот матичен број е проблем за недокументираните луѓе кои немаат матичен број. Лицата во прифатниот центар каде има евиденција, за него бараме да бидат дел од имунизацијата. Тие имаат право на здравствена заштита, само е потребно да бидат ставени во листата за која државата има обврска за здравствена заштита“, вели активистката.

Како што вели таа, проблематично во Македонија е и тоа што во 2019/20 година нема ниту едно одобрено барање за азил, а Европската комисија во своите препораки бара од Македонија во практика да го докаже законодавството.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

five × one =