Славчо Димитров: Неоспорен факт е дека Викендот на гордоста секоја година има се’ повеќе публика

You must need to login..!

Опис

Деветтиот по ред Викенд на гордоста Скопје, ќе се одржи од 2 до 9 јуни, во Музејот на современа уметност, КСП „Центар – Јадро“ и кафе барот „Шортбас“. Викендот на гордоста Скопје е фестивал за квир култура, уметност и теорија, годинава со тема „Настрано заедничко: Политики на пријателство, љубов и афекти.

„Сакавме да се надоврземе, да се приклучиме и да истражиме тема која е дел од левата политичка мисла и лева критичка и политичка теорија воопшто и левата феминистичка мисла а тоа е концептот на заедничкото или заедничките добра. Сметаме дека тие денес претставуваат исклучително важен концепт за критика на подивениот капитализам кој ги приватизира заедничките добра, вклучително на идеолошко рамниште и претставите за идентитетот и за некои од суштинските и конститутивни релации за луѓето, како што се пријателството, љубовта и афектите односно емоциите. Поточн сакавме да им дадеме поинаква димензија, критички да ги истражиме земајќи ги предвид искуствата на сите оние кои во општеството се стигматизирани, отфрлени како настрани, како ексентрични и невообичаени. Тоа се ЛГБТ луѓето, меѓутоа и сите оние луѓе чијшто родов и сексуален идентитет не се вклопува во нормата, но важни ни се и историите на феминистичките колективни практики на отпор, грижа и креирање на заедничко и н аинфраструктури.

Сметаме дека овие историски искуства, но и во сегашноста и како можност, тргнувајќи од таа маргинална, структурна позиција во општеството можат да ни дадат некакви поинакви хоризнти и визии за тоа како го замислуваме пријателството, љубовта и што правиме со емоционалните искуства кои се политички организирани“, вели за Утрински брифинг Славчо Димитров, куратор на фестивалот. Викендот на гордоста ќе започне на 2 јуни, во Музејот на современа уметност со отворањето на ретроспективна изложба „Заслепен од љубов“ на Франко Б, еден од најзначајните современи перформанс и визуелни уметници во светот. Својата уметничка работа, тој не ја одделува од животот, а неговите дела балансираат меѓу изолацијата и заведувањето, наклоноста и конфронтацијата, страдањето и еротицизмот, панкот и поезијата. „Уметноста која што сакаме да ја претставиме, не само во Македонија, туку и во светот не поминувала без скандали, со таа разлика дека во светот тие се случувале пред 30 години, а кај нас ќе бидат потребни уште толку за да почне прифаќањето и разбирањето на овие уметнички форми. Но, неоспорен факт е дека Викендот на гордоста секоја година има се’ повеќе публика“, додава Димитров.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

14 − 2 =