Режисерот на новиот Џејмс Бонд е студент на Милчо Манчевски: Со Кери игравме баскет, беше дрво ама страшно талентиран за режија

You must need to login..!

Опис

Во очекување на премиерата на 25-тото продолжение од сагата за тајниот агент 007 пред македонската публика, на 6. октомври оние кои веќе го изгледаа „Нема време за умирање“ (No Time To Die) се воодушевени од новата приказна за Бонд и последниот, петти настап на Даниел Крег во таа улога.

Филмските критичари излегоа со позитивни рецензии за филмот како и за умешноста на режисерот Кери Јоџи Фукунага кој пак е студент на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски.

Во биографијата на режисерот Фукунага стои дека бил студент на постдипломски студии Tisch School of the Arts, а тоа е групата на Манчевски на Универзитетот Њујорк. Македонскиот режисер и професот се потсетува како младиот талентиран режисер кој во тоа време работел и камера, „влетал“ во неговата група за режија:

-Да, Кери ми беше студент студиите по уметност на Универзитетот Њујорк и тоа од прва година на постдипломски студии. Беше интересно што се пополни мојата група, во тоа време тројца предававме постдипломски, тројца предававме режија и секој имаше своја група, но мојата прва се пополни и Кери задоцни па бараше посебна дозвола од деканот и од мене за да слуша филмска режија во мојата група. Се гледаше од одма дека е страшно талентиран, тоа не беше спорно, а сам работеше и камера. Мислам дека се уште сам често работи камера и после тоа се виде и во понатамошните кратки филмови и во првите играни филмови и во „True Detective“, неговата серија. Тој се гледаше дека ќе биде успешен не само поради талентот кој го поседува, туку поради способноста да го пласира својот талент. Мислам дека уште неговиот прв краток филм доби Оскар за краток филм, изјави Манчевски, ексклузивно за „Слободен печат“.

Манчевски додава дека во тоа време се трудел да им помогне на студентите да ги добијат првите професионални проекти.

-Со Матилда Куомо, жената на тогашниот гувернер Марио Куомо на Њујорк, мајка на доскорешниот гувернер Ендрју Куомо организирав Public Service Announcement и организирав наттпревар во класата. Наградата отиде кај оној што има најдобро сценарио кој добиваше буџет да сними реклама, која потоа се емитуваше на њујоршка телевизија и Кери го доби тој проект. Беше супериорно и сценариото како и работата што ја сработи. Инаку баскет игравме често и дрво беше. Во таа класа беше и Марк Хејмонд, одлична класа беше, кој потоа доби Оскар за сценариото на „Black Swan“ на Ароновски. Тука беше и Роб Маер и еден куп одлични, талентирани студенти од цел свет, вели Манчевски.

Инаку, на 28 септември во Лондон беше премиерата на 25-тиот филм за Бонд, кој нестрпливо го очекуваше публиката зошто беше неколкупати одложуван поради пандемијата, а од неговото снимање првично се откажа искусниот и наградуван режисер и оскаровец Дени Бојл, па филмот го презеде Фукунага.

„Фукунага, се чини, беше идеален избор на режисер, вешто балансирајќи ги противречностите на ликот и франшизата, и иако тој не ги избегна вообичаените замки – средишната третина заглавена со заговор и изложување не го оправдува тоа силно траење – тој отсекогаш бил интуитивен режисер, длабоко заинтересиран за човечноста на неговите ликови “, напиша Џон Нуџент, авторот на „Империја“ кој акционите секвенци на Фукунага ги спореди со оние на Џон Вик, ставајќи акцент на острите и дивјачки престрелки со оружје и интензивните потери.

„Ова е филм за Бонд кој грижливо ги штиклира сите кутии – но брилијантно, честопати воопшто не се чувствува како филм за Бонд“, напиша Нуџент. „За 007, кој се трудеше да го доведе човештвото до херој поголем од животот, тоа е соодветен крај на ерата на Крег“.

″ [Режисерот Кери] Фукунага има јасен, стилски начин на дејствување, а некои од поставените парчиња имаат талент и инвентивност на музички броеви, особено забавата во Хавана каде Ана де Армас се појавува како легендарната танчерка Сид Шарис, а Крег како Џин Кели “, пишува Скот. „Таа секвенца се чувствува како враќање назад и освежување, повторувајќи ја традицијата на Бонд за елеганција, шарм и големо глупирање“, стои во рецензијата во Њујорк Тајмс, потпишана од Еј О Скот.

Манчевски за себе вели дека е голем љубител на филмовите на Бонд, а го објаснува и процесот на креирање на таков акционен игран филм, кој во исто време треба да ги задоволи очекувањата и на дистрибутерите, на продуцентите и на режисерот:

-Режирањето на филм на Џејмс Бонд има еден куп на специфични предизвици кои ни еден друг проект ги нема. Кои не се толку режисерски предизвици колку што се организациони и прашање на координација со дистрибутерот и продуцентите, со нивните очекување, нивните барања и тестови како тие се наметнуваат, што бараат од проектот и дали гледате на резултатот на филмот на ист начин. За нив тоа е продукт, за нас тоа е едно креативно парче за кое се надевате и дека е и парче уметност. Мислам дека „Казино Ројал“ успеа да го направи тој мост меѓу очекувањата на дистрибутерите и веројатно креативните очекувања на режисерот, ама не секогаш е така. Мислам дека Дени Бојл се откажа, тргна да работи еден Бонд, па пота се откажа. Јас страшно многу ги сакам сите Бонд филмови. Дури сум пристрасен и кон оние грозните од времето на Роџер Мур и Лeјзонби. Mерак е кога ќе се изгледа добар Бонд Филм. Се она што заедно ќе го склопи целата екипа. Значи од тој што поаѓа од концептот дури и ако не добил кредит до оние што ќе ја работат шпицата до тоа како ќе се пласира филмот, е едно комплетно доживување кое го надминува прашањето на еден поединечен игран филм. Така што не знам, за мене е мерак, можеби сум пристрасен зошто израснав на Џејмс Бонд и на шпагети филмови, вели Манчевски во изјавата за „Слободен печат“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

15 + fourteen =