„Пандемија“ на коцкање во Тетово

You must need to login..!

Опис

Многу е интересна состојбата со обложувалниците и казината во Тетово. Во нашата репортажа објавена во „Слободен печат“ ние ги презентиравме само дел од овие објекти кои ги има во голем број, а пред се најбројни се на главната улица „Маршал Тито“ во градот, вели новинарот Горан Наумовски, кој гостуваше во „Утрински брифинг“.

– Бројот на казина и обложувалници во Тетово е доста броен со оглед на бројот на жители во градот. Овие објекти се „распостелени“ во целиот град. Да речеме во централното градско подрачје што беше до пред некоја година место за шетање или градско корзо, тоа што некогаш беа ресторани и продавници сега е преиначено, и сега на нивно место се казина и обложувалници. Забележавме дека доста се посетени – вели Наумовски.

Тој додава дека „заразените“ играчи на игри на среќа уште рано по сабајле се гости во казината кои работат 24 часа. Овие играчи, тврди тој играат додека имаат париили додека не добијат некоја добра сума на пари.

– Најголем број на играчи во казината ги има во попладневните часови, некаде после 18 часот. Тогаш доаѓаат големите играчи, тогаш спласнува гужвата во Тетово, па тогаш е и помала можноста да биде виден некој од своите домашните дека игра во казино – нагласува Наумовски.

Додава дека не само на улицата „Маршал Тито“ во Тетово, овие објекти се сместени и во локалните улици во централното градско подрачје, а нови објекти за казина, додава Наумовски, веќе се градат и на периферијата од градот, поточно на влезот од правец на Скопје. Наумовски вели дека таму каде што до пред скоро време имало плацеви за продажба на половни возила, сега се градат има казина.

Џемо Абдиу од граѓанската асоцијација „Антикоцка“ вели дека во Тетово постои изрека дека казината во овој гред ги изгубиле клучевите за затварање на вратите и работат 24 часа седум дена во неделата.

– Станува збор за објекти на срамот. Овие објекти имаат по два влеза. Најмногу функционира задниот влез во овие објекти каде што влегуваат играчите, а не низ главата врата. Повеќе главната улица не е „Маршал Тито“ туку улица на казина. За жал во земјава цвета коцкањето. Државата ни станува балкански Лас Вегас – тврди Абдиу.

Тој нагласува дека во соседните земји (Косово и Албанија) казината се затворени и сега на македонска територија има голем број на казина во граничните реони кон овие земји. Вели дека треба да се донесе Закон со кој казината ќе се дислоцираат на најмалку три километри надвор од градовите.

Горан Стоименов од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) вели дека оваа индустрија минатата година партиципирала со околу 300 милиони евра во државниот Буџет и вработува околу 8.000 луѓе.

– Тетово во ниту еден случај не отскокнува од другите градови во земјава. На улицата „Маршал Тито“ во Тетово нема голем број на вакви објекти наспроти другите дејности кои се вршат на оваа улица. Станува збор за индустрија која во целост е регулирана со Закон, а законските нормативи може да се каже дека се најстроги во Европа – вели Стоименов.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

twelve + 20 =