🎥 Неавтентични фејсбук-страници ја таргетираат Северна Македонија

You must need to login..!

Опис

Дигиталната истражувачка форензичка лабораторија на Атлантскиот совет (#DFRLab) откри десетици фејсбук-страници поврзани со различни македонски веб-страници за вести, чии карактеристики упатуваат на координирана активност и истовремено објавување идентична содржина.

Како што објавува medium.com, страниците покажуваат знаци на неавтентичност бидејќи биле креирани како профили за различни интереси, но на крајот промовираат содржина од веб-страници за вести со кои претходно немале никаква поврзаност.

„Вкупно, четири одделни мрежи со координирани ресурси го зголемуваат влијанието на содржината објавена од 10 македонски веб-страници за вести. Се чини дека некои од тие страници се поврзани со ‘Адинамик медиа’, компанија што води веб-страници за вести кои ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, опозициска партија во Северна Македонија. ‘Адинамик медиа’ има врски со про-ФИДЕС унгарската јавна телевизиска мрежа ‘Magyar Televízió’ (MTV). Другите, пак, се поврзани со други веб-страници за вести во Северна Македонија, кои генерално нудат побалансирано известување, главно за домашните случувања“, се вели во текстот на medium.com.

Македонската медиумска сцена се бори со недостиг на финансиска транспарентност, нејасни сопственички структури и длабока политичка поларизација. Политичката поларизација е очигледна поради фактот што многу веб-страници за вести во земјата експлицитно ги прикажуваат своите провладини или проопозициски уреднички ставови предизвикувајќи загриженост поради недостигот на објективно и независно новинарско известување.

Оваа динамика станува поочигледна со последните политички случувања во земјата кои водат кон претстојните избори. Во земјата требаше да се одржат вонредни парламентарни избори на 12 април 2020 година, но тие беа одложени поради појавата на новиот коронавирус.

Врз основа на вестите што ги споделуваат, веб-страниците и фејсбук-страниците се поделени на четири мрежи.

Мрежа 1: „Засилувања“ на проопозициските портали наклонети кон ВМРО-ДПМНЕ

Првата мрежа се состои од седум страници на Фејсбук кои споделуваат натписи објавени од четири македонски портали: „Република онлајн“, „Курир“, „Денешен“ и „Вистина“. „Република онлајн“, „Курир“ и „Денешен“ претежно објавуваат политички вести, но нивната содржина е критичка кон владата и истовремено отворено ги пропагираат ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. Порталот „Вистина“, не покрива политички теми и ставови, туку повеќе е позициониран како таблоиден магазин. Сите четири медиуми се во сопственост на истиот медиумски холдинг „Адинамик медиа“, кој се поврзува со унгарската телевизиска мрежа „Magyar Televízió“ (MTV), која му е наклонета на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Според Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), „Адинамик медиа“ е основана во 2017 година од Агнес Адамик, поранешен извршен директор на унгарската телевизија. Фирмата тогаш купила мнозински удел во три македонски медиумски компании – „Прва Република“, „ЕМ медиа“ и „ЛД прес медиа“. Од 2018 година, овие компании поседуваа седум интернет страници за вести кои ја поддржуваат партијата ВМРО-ДПМНЕ. Компанијата „Прва Република“ ги поседува порталите „Република онлајн“ и „Лидер“. Втората компанија, „ЕМ медиа“, ги има порталите: „Курир“, „Денешен“, „Економски“ и „Вистина“. Третата медиумска компанија, „ЛД прес медиа“, го има порталот „Нетпрес“. Според „Мертак медиа центар“, овие медиуми му помогнале на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, да го прошири своето влијание и, исто така, да го поддржи неговиот сојузник Никола Груевски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија. Груевски е поранешен премиер на Северна Македонија, кој избега од земјата во 2018 година и доби азил во Унгарија, потсетуваат авторите.

Страниците на Фејсбук кои објавуваат содржини од овие портали имаат над 690 000 следбеници, додека официјалните страници на „Курир“, „Република онлајн“, „Денешен“ и „Вистина“ на Фејсбук имаат помалку од 300 000 следбеници. Ова може да укаже на тоа дека немале успех во привлекување доволно публика на нивните официјални страници на Фејсбук, па порталите решиле да создадат координирани мрежи за да ја засилат нивната посетеност. Страниците биле создадени во периодот од 2009 до 2013 и се управувани од Северна Македонија. Во описите на овие страници никаде не е наведено дека се поврзани со четирите портали кои ги промовираат.

Една од страните – „Економски“, која е официјална страна на порталот ekonomski.mk, не споделува ништо од нејзиниот портал, туку ексклузивно ги објавува содржините на „Курир“.

Сите овие страници се раководени од Северна Македонија, а повеќето од нив го содржат зборот „Македонија“ во насловот, како и македонското знаме за профилна фотографија. На страниците на „Република Македонија“ и „Ова е Македонија“ на Фејсбук се наведени слични електронски адреси (ovaemakedonija@gmail.com и info@ovaemakedonija.mk) како информации за контакт. Страниците „Јас ❤ Македонија“ и „Smenje do solzi“, исто така, имаат поврзани сметки на Твитер, a последната има и канал на Јутјуб. Овој специфичен канал на Јутјуб има исто име и слика на профилот како една од другите страници на Фејсбук. Страницата насловена како „Насмеј се“, која се среќава во следното подмножество, пак, укажува дека има врска помеѓу страниците во мрежата 1 и 2, иако промовираат содржини објавени од различни портали.

Мрежа – 2 – Поддржувачи и споделувачи на Маркукуле, News24 и Сигнал

Фесјбук-страниците што се наоѓаат во втората мрежа споделуваат содржина од три веб-страници за вести: „Маркукуле“, „News24“ и „Сигнал“. Додека овие страници, исто така, известуваат за политичките случувања, нивната содржина не е толку експлицитно антивладина како содржината објавена од страниците во претходната мрежа. Овие веб-страници за вести не содржат информации за компанијата на нивните веб-страници и објавуваат написи без автор. „Маркукуле“ и „News24“ често објавуваат написи за рускиот претседател Владимир Путин, прикажувајќи го како влијателен лидер кој ги почитува традиционалните вредности и никогаш не ги заборава своите пријатели во неволја. „News24“, исто така, понекогаш ги споделува видеата на „Раша тудеј“ и „Спутник“.

Слично како претходната мрежа, овие фејсбук-страници објавуваат написи во исто време и со иста зачестеност. „ДФР лаб“ забележа дека 14 од вкупно 17 страници на Фејсбук во оваа подгрупа ги споделувале само написите од „Маркукуле“ и „News 24“, додека две страници исто така ја споделиле содржината на „Сигнал“. Една страница ја споделувала само содржината на „Маркукуле“.

Вкупниот број следбеници на сите 17 неавтентични страници на Фејсбук во оваа мрежа изнесува над 900 000, односно речиси девет пати повеќе од официјалните страници на Фејсбук на „News24“ и „Маркукуле“.

Официјалната страница на Фејсбук на „News24“ го смени името од „Слобода за дедо Љубе“ во „News24.mk за Македонија“ во 2016 година. „Слобода за дедо Љубе“ беше движење во Северна Македонија создадено со цел да го поддржи Љубомир Митев (79), кој смртно застрела еден од многуте разбојници кои ги нападнаа него и неговата сопруга во нивниот дом во 2013 година. Митев беше обвинет за убиство во 2015 година, но граѓаните ја покренаа иницијативата „Слобода на дедо Љубе“ за да го ослободат од гонење. Иако нивните обиди беа неуспешни, Митев во 2019 година беше прогласен за невин. Останува нејасно како страната на Фејсбук, од страницата за поддршка на Митев, се претвори во официјална фејсбук-страница на „News 24“.

Слично на ова, другите страници во мрежата, исто така, претходно имале различни имиња кои не се поврзани со нивните постојани имиња. Ова укажува на фактот дека страниците можеби ја искористиле постојната публика за да го зголемат својот опсег и да стигнат до што повеќе луѓе.

Мрежа – 3 – Поддржувачи и споделувачи на „Пулс24“ и „Булевар“

Третата мрежата содржи фејсбук-страници кои споделуваат информации и содржина од „Пулс24“ и „Булевар“. Според информациите на „Пулс 24“, таа припаѓа на „New Media Enterprise“, компанија регистрирана во Скопје, а на веб-страницата има и информации за контакт со главниот уредник. На „Булевар“ е објавен македонски телефонски број, е-пошта и името на компанијата на која припаѓа веб-страницата, односно „Stratton Media“.

„ДФР лаб“ откри дека фејсбук-страниците во оваа подгрупа може да се поврзат со Филип Петровски, десничарски претседателски кандидат на претседателските избори во Северна Македонија во 2019 година и поранешен член на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Петровски се спротивстави на промената на името на земјата, од Македонија во Северна Македонија, чекор преземен како средство за отстранување на блокадата на Грција за пристапните преговори кон НАТО. Петровски се залагаше и за поништување на Преспанскиот договор, со кој се предвидува промена на името, потпишан од Грција и Северна Македонија во 2018 година. Петровски често ги споделува написите на ‘News 24’ на неговиот личен профил на Фејсбук, а објавите што содржат линкови до статии на ‘News 24’ на неговиот личен профил подоцна се појавуваат и на другите страници со идентичен придружен текст“,

стои во текстот на medium.com.

Покрај тоа, се вели понатаму во текстот, на две страници во оваа подгрупа имаше имиња поврзани со Петровски. „Филип ЗА Македонија“ и „ФИЛИП ПЕТРОВСКИ“ се двете страници на кои ја има неговата фотографија, а на страниците се напишани и биографијата на Петровски и неговите политички ставови. „ДФР лаб“ не може да потврди дали самиот Петровски управува со овие страници, меѓутоа, на овие страници се објавувани и написи од „Пулс 24“ со ист текст како што се објавите на неговиот личен профил на Фејсбук.

Седумте страници во оваа подгрупа заедно имаат над 335 000 следбеници, додека официјалните страници „Пулс 24“ и „Булевар“ имаат малку повеќе од 275 000 следбеници. Дополнителните, фејсбук-страници се создадени во различни периоди меѓу 2009 и 2019 година, а нивните имиња не се поврзани со веб-страниците што ги споделуваат. Овие страници се управувани од Северна Македонија, а повеќето од нив никогаш не го смениле името.

Мрежа 4: „Засилувања за „Net Medical Diet“ и „Галама Клуб“

Четвртата координирана мрежа на Фејсбук се однесува на споделување содржини од два портали: „Net Medical Diet“, портал за здравство, и „Галама“, портал за вести.

„Net Medical Diet“ е во сопственост на компанијата „DPTU Diapazon“, регистрирана во Скопје. Според информациите на веб-страницата, уредувачкиот тим го сочинуваат членови на Советот за етика во медиумите на Македонија.

Нема информации за сопственичката структура или за редакцискиот тим на порталот „Галама“, но и овие медиуми се чини дека се поврзани, со оглед на тоа што нивните содржини се споделуваат од исти страници на Фејсбук.

Вкупно осумте дополнителни страници имаат над 770 000 следбеници. Официјалните страници, пак, на „Net Medical Diet“ и „Галама“ имаат повеќе од 175 000 следбеници. Страниците кои се користат за споделување содржини од овие портали се создадени помеѓу 2010 и 2018 години, а нивните имиња не се поврзани со порталите од кои споделуваат вести. Тие беа управувани од Северна Македонија и САД, а некои од нив го променија и името.

ЗАКЛУЧОК

Анализата на „ДФР лаб“ покажа дека збир на фејсбук-групи ширеле политичка, како и неполитичка содржина објавена од најмалку 10 медиуми во Северна Македонија. Додека некои од страниците ја потврдуваат нивната поврзаност со порталите кои ги поддржуваат, други се неавтентични, затоа што првично биле создадени како неповрзани страници со посебни и различни цели, а потоа се пренамениле за засилување на ширењето вести од одредени портали. Оваа стратегија се чини дека е ефикасна, бидејќи страниците од овие мрежи имаат многу повеќе следбеници од официјалните страници на Фејсбук на посочените портали. Ова е така бидејќи дел од тие страници имале претходно изградена публика.

Видлива е координацијата на активностите на фан-страниците во една мрежа, но нема индикации за координација помеѓу различните мрежи. Покрај тоа, нема никаков знак дека самите портали управуваат со овие страници.

Присуството на овие средства преку интернет и нивниот успех во култивирање на следбеници, истовремено поттикнуваат политичка поларизација во јавноста во Северна Македонија пред изборите. Предвремените парламентарни избори беа планирани да се одржат на 12 април 2020 година, меѓутоа се одложија поради пандемијата со коронавирусот. Според последното истражување, владејачката партија и десничарската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се скоро израмнети пред изборите. Користењето на неофицијални мрежи на социјалните медиуми може да им овозможи на политичките сили да ги доведат во заблуда луѓето и да шират манипулитивна содржина за да обезбедат поддршка од гласачите предизвикувајќи загриженост за интегритетот на изборниот процес во земјата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

11 − four =