На 46. издание на МОТ публиката ќе види 26 претстави- ниту една не е онлајн

You must need to login..!

Опис

На годинашното 46 издание на фестивалот „Млад отворен театар“, програмата ќе се одвива во два блока, од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември. Фестивалот ќе опфати 26 театарски претстави со физичка изведба.

„Заради пандемијата решивме фестивалот „Синедејс“ да го реализираме во текот на летните месеци а МОТ, трет во пандемиски услови, да се одржи во ноември. Дури помалку и неочекувано стигнавме до 26 претстави и ги поделивме во два блока. Во првиот, публиката ќе види меѓународни продукции од национални театри и неколку перформанси, а во вториот блок и’ даваме можност на македонската независна продукција, бидејќи сфативме дека годинава таа е прилично вибрантна и плодна и ќе можеме да видиме 11 претстави од македонската независна театарска продукција. Програмата на МОТ започнува во МНТ со претставата „Како крајот и да не е сосема блиску“ – екпериментална претстава на Битеф театар. Новите времиња наметнаа и нови форми на театар, овој перформанс ќе биде изведен во првите три дена на фестивалот, а публиката ќе биде дел од него“, вели за Утрински брифинг Филип Николовски од МКЦ, организаторот на МОТ.

Млад отворен театар ќе се случува на шест сцени, Младински културен центар (сала 25 Мај и сала Фросина), Драмски театар, Театар Комедија, МНТ и Дом на АРМ.

„Од почетокот на пандемијата се трудиме да изнајдеме начин да ги презентираме нашите продукти пред публиката. Отпрвин тоа го правевме во онлајн формат, но кога сфативме дека пандемијата ќе потрае, решивме да бараме нови форми и протоколи што ќе овозможат публиката и физички да дојде на нашите настани. Работевме напорно, учевме од грешките но за илустрација во 2020 година, МКЦ реализираше околу 400 настани со повеќе од 25 000 публика, а во 2021 година, досега се реализирани 500 настани со број на публика од околу 28 000 посетители, во живо а не преку онлајн платформи. Ова не’ прави особено горди затоа што како одговорна јавна институција изнајдовме начин да ги анимираме луѓето да им овозможиме релаксација во моментите кога целиот свет застана. Така и на МОТ очекуваме, со оглед на мерките од 50 отсто исполнетост на салите, очекуваме меѓу 4 и 5 илјади публика“, додава Николовски, кој рече дека МКЦ во изминатите десетина години соработувал со две различни градски власти, како институција од културата во надлежност на Град Скопје и дека очекуваат да ја продолжат таа соработка и со новата градска власт.

„Се надевам дека принципот на мериторност многу пати спомнуван во предизборието ќе остане како критериум и при одлучување за менџментот на сите културни институции во градот. Мерливоста како критериум треба да остане главен критериум на градските власти во одлуката кој ќе го менаџира МКЦ. Бројките и резултатите се несомнени во изминативе години и тоа може да се провери и според финансиската состојба, според број н апублика или број на артисти, меѓународна соработка итн“, вели Николовски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

three × three =