Најческа: Мерките против пандемијата треба да ги имаат предвид и индивидуалните права и слободи, кај нас некои се добри некои бесмислени

You must need to login..!

Опис

Системот на мерки со кои државите се борат со пандемиајата на корона вирусот, мора да биде претходно консултиран и анализиран, не само со здравствените експерти туку и со психолозите, психијатрите, правниците…бидејќи мора да се почитуваат и основните права и слободи, смета универзитетската професорка Мирјана Најческа.

Таа во Утрински брифинг ги образложи своите ставови дека на подолг рок ,актуелните мерки претставуваат опасност од приклонување на граѓаните кон авторитарност, кои лесно би се откажале од своите права и слободи во име на здравјето. Напротив, вели Најческа, треба да создаваме систем на доверба во науката, во медиумите, во владите…

„Застрашувачко е од аспект на размерите кои може да се достигне, како контрола од страна на власта кон граѓаните наместо обратно. Се заборава дека веќе се затангирани голем број човекови права. На пример заострена е цензурата, со која може да се навлезе во ограничување на слободата на изразување, а тоа значи и кога се изразува незадоволство од мерките на власта. Правото на здравствена заштита е затангирано. Здравствена заштита не само во она што претставува корона вирусот, туку може многу луѓе да останат без здравствена заштита. Правото на образование е загрозено бидејќи немаме прилагоден систем кој може да биде применет. Правото на работа како прежиување е загрозено. Што ако се изгуби единствениот приход за преживување? Слободата на движење и собирање е ограничена со тоа и изразувањето на незадоволство. И се применуваат стигматизирачки мерки. Имаме дискриминација и кај нас, во однос на староста на пример, или врз основа на статус, на место на живеење. Што се случува кога се сите дома со семејното насилство?“, изјави Најческа.

Според неа, луѓето се исправени  пред навидум невозможен избор меѓу правата и здравјето, каде со леснотија се откажуваат од правата во име на здравјето и затоа вели не смее да се изгуби балансот меѓу јавното добро и индивидуалните права.

„Се прави мало претерување на работите. Ако одиме по линијата што е она што го загрозува здравјето на возрасните, на пример загадениот воздух е сериозно загрозување, па во ниу еден момент не се презедоа ваков вид мерки, да им се забранува на луѓето да излегуваат од дома во одреден период. Многумина се воодушевуваат како Кина се справи со епидемијата, но прашање е по која цена? Не смееме да заборавиме дека целата оваа ситуација започна со замолчување и загушување на лекарите кои предупредуваа и на тие кои дебатираа. Начинот на кој треба да се бориме со епидемијаа не е со ограничување на човековите права туку со тестирање, со информирање, со градење доверба во властите и медиумите. Не глобално затворање туку со глобална соработка и со мерки кои во најмала мера ќе ги тангираат слободите и правата на луѓето, а не да се игра на картата на стравот на луѓето. Не смее да се игра на таа карта бидејќи ако еднаш се повлечеме од правата и слободите, ќе направиме таква дерогација на системот на човекови односи од која долго време нема да можеме да се извлечеме“, децидна е професорката.

Најческа смета дека ваков вид забрани можат да резултираат конструктивно само за многу краток период и да се знае дека за тој временски период ќе бидат симнати, во спротивно, вели, ќе станат дел од нормалното живеење а на тој начин ќе се отвори патот до авторитарност.

„Еве со најновата одлука на Владата, времето за обука на полицајците од приправнички стаж се намалува за да се пуштат поголем број полицајци. Наместо да се вложуваат средства во објаснување, во обезбедување на средства за дезинфекција, да се атакуваат проблемите со кои сме соочени заради сиромаштиајта, ние вложуваме во полицајци кои ќе одат по дома да видат дали миеме раци? Дали се дружиме? Дали сме излегле да го шетаме миленичето? Тоа е застрашувачка иднина која се надзира во одлуките на власта“, изјави универзитетската професорка во Утрински брифинг.

Во однос на мерките во Македонија, таа смета дека има некои многу добри мерки, кои се обмислени и треба да се почитуваат, кои претставуваат искуство од надвор или научно базирани, но има и бесмислени мерки.

„Бесмислените мерки ја руинираат целокупната перцепција на граѓаните кои резултираат со недоверба. На пример зголемувањето на полцискиот час за викендите. Луѓето мора да ги изнесат децата надвор. Треба да се зголеми просторот каде различни групи нема да доаѓаат во допир меѓутоа ќе можат да излезат од домовите со цел надминување на психилошкиот проблем кој може да биде создаден. Мора мерките да се базираат на консултација со експерти. Имало консултација со здравствени експерти меѓутоа не и со психолози, психијатри, со правници, со луѓе кои се занимаваат со човекови права, со економистите. Донесувањео на ад хок мерки преку ноќ, без соодветна консултација и анализа ќе доведе до руинирање на целокупниот систем“, нагласува таа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

7 + eight =