Наумов: Аплицирањето за Ковид 1 е отворено, од вторник со Ковид 2 ќе се аплицира за поголеми кредити

You must need to login..!

Опис

Се уште е актуелен за  микро компаниите пакетот Ковид 1 на Развојната банка, а од следната недела ќе може да се аплицира и за пакетот Ковид 2, соопшти во Утрински брифинг, директорот на Развојната банка, Кире Наумов.

Наумов вели до моментов Развојната банка има кредитни апликации во износ од околу 9 милиони евра од над 1.300 компании, а се одбиваат само оние кои биле презадолжени и пред пандемијата со корона-вирусот или ако не се дел од туризмот, транспортот и угостителството.

„Уште трае огласот и прибираме апликации. Просечниот кредит по компанија е околу 8.5 илјади евра. Доминантно се кредитни апликации до 5 илјади евра и мислам дека ќе можеме вкупно да поддржиме над 600 компании, односно вкупно 6 до 7 илјади вработени. Еден дел од кредитните компликации се од дејности надвор од линијата, бидејќи во моментов приоритет се угостителство, туризам и транспорт и најголемиот дел од одбиените се тие кои што не ги исполнуваат условите“, изјави Наумов.

Компаниите со минус капитал, односно презадолжени и пред корона кризата се одбиваат бидејќи, како ѓто вели Наумов, не е фер такви компании да ги земат средствата на фирмите кои до пред корона пандемијата, функционирале нормално.

Ваквиот обем на микрокредитирање Развојната банка, вели Наумов, го прави прв пат од своето постоење, а принципот е таков што Кредитниот одбор на Развојната банка ги разгледува апликациите и Владата на седница ги одобрува. Потоа остануваат уште неколку дена до запис на нотар преку меница, која е гаранција за кредитот, па веднаш се исплаќаат средствата.

Се работи за краткорочни кредити за ликвидност на компаниите кои се враќаат во рок од две години и шест месеци грејс период. Кредитите може да се користат и за плати и за кирии и слично а каматната стапка им е 0%.

Ковид 2 пакетот пак, кој ќе биде објавен во петок, ќе биде и пообемен.

„Наредните планови, наречени Ковид 2 не ограничуваат ниту една дејност. Овој кредит ќе биде на три години и ќе има грејс период од 12 месеци а единствениот услов кој ќе треба да го покажат компаниите е да покажат намалување на приход за 30 отсто споредено со истиот месец во 2019, или пак со вкупниот месечен приход од 2019 година. Ќе нема ограничување на дејности туку условот е тој. Ќе го објавиме во петок но ќе се аплицира од вторник за да може компаниите да ги приберат документите“, информираше Наумов.

Преку пакетот Ковид 2 ќе може да се аплицира за најмала сума од 3.000 евра, а најмногу 90.000 евра, но кредитот ќе зависи од бројот на вработени.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

7 − three =