Натпревар за е-здравје, технологија и паметни уреди: По паметните телефони и часовници, да очекуваме паметни очила

You must need to login..!

Опис

За прв пат во Македонија се оржува зимска школа за е-здравје и паметни уреди и технологии во организација на факултетот за електротехника и информациски технологии, во рамки на европскиот проект WideHealth.

Координаторот на проектот, доцент доктор Христијан Ѓорески, денеска во Утрински брифинг рече дека идејата е да подигне свеста за електронското здравје, пред се за студентите на УКИМ, иако станува збор за меѓународна школа.

-Меѓународната школа се организира хибридно – со физичко присуство на Факултетот и онлајн, од 14 до 17 февруари 2022 година. Учествуваат 133 учесници од земјава, Португалија, Германија, Италија, Словенија, Нигерија, Перу, Франција и Јапонија. Фокусирани сме на паметни уреди и технологии, е-здравје, здравство водено од податоци, вештачка интелигенција и машинско учење за здравство, анализа на податоци, паметни уреди и пресметување. Како дел од школата, се организира и меѓународен натпревар од областа на вештачката интелигенција и машинското учење, во кој што учесниците ќе развиваат алгоритам за препознавање на човечки активности со помош на паметни уреди што се носат, како што се паметен телефон и паметен часовник. На крајот на натпреварот, кој завршува во четврток, ќе се направи крајната евалуација и најдобрите тимови ќе бидат промовирани и наградени, рече професор Ѓорески.

За него школата претставува одлична можност за студентите да се стекнат со знаење од областа на вештачката интелигенција и машинското учење применети во здравството. На школата предаваат петнаесет реномирани експерти од познати светски научни институции од Велика Британија, Швајцарија, Италија, Португалија и Словенија. Исто така студентите имаат можност во работилница да ги вежбаат сите нови технологии кои ги учат.

-Студентите ќе ја научат применетата вештачка интелигенција и машинско учење врз електронски податоци или податоци од паметни уреди како часовници и телефони. Студентите на оваа школа ќе имаат можност да ги развијат алгоритмите кои ни мерат активности, како на пример работа на срцето или дневна активност. Ова е одлична прилика студентите да развијат вештини за работа со здравствени податоци, да се натпреваруваат и да остварат контакти со нивните колеги од странство. Европскиот проект WideHealth дава одлична прилика за подобрување на научно-истражувачките капацитети на ФЕИТ и УКИМ и за усовршување на голем број млади истражувачи во овие области. Практичната настава и вежбите се поддржани од асистенти и истражувачки кадар од ФЕИТ, но и кадар од другите институции кои учествуваат во проектот, вели проф. Ѓорески.

Тој заедно со неговиот тим работи на развивање на паметни очила.

-Нашиот тим ја прави вештачката интелигенција за стартап компанија која е од Англија. За брзо време ќе почнат да се продаваат и првите верзии од паметните наочари. Тие во моментов се поголеми од секојдневните наочари, но сметам дека ќе се модифицираат до степен да не се ни разликуваат од останатите. Развиените европски и светски земји имаат предност во однос на развивањето на вештачка интелигенција поради можноста да инвестираат во истражување. Кај нас за жал многу малку се вложува во истражувачки проекти. Сепак, ние се обидуваме на нашиот факултет да истражуваме и сметам дека сме многу успешни во тоа

Еден од водечките партнери во проектот е италијанскиот истражувачки центар FBK (Fodazione Bruno Kessler), со експертиза во областа на електронското здравје. Професор д-р Оскар Мајора, раководител на одделот за Дигитално Здравје во FBK, е и водечки експерт во проектот кој и лично е присутен на школата со две предавања.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

twenty + six =