Наталија Задорожњук: Очекуваме парламентите во сите земји, настаните во Буча да ги прогласат за геноцид

You must need to login..!

Опис

Интервју на новинарката на „Утрински брифинг“, Кристина Атовска, со украинската амбасадорка во Северна Македонија, Наталија Задорожњук.

Северна Македонија можеби не е моќна да испрати воена помош, но како земја членка на НАТО се приклучи на сите санкции кои и беа наметнати на Русија, Пред се, сакам да Ве прашам, дали сте задоволни од поддршката и од реакцијата на С.Македонија?

-Краткиот одговор е да. Проширениот – Северна Македонија воведе санкции против Руската федерација, ги затвори руските пропагандни канали, го затвори воздушниот простор за руските авиони, коавтор е на сите наши резолуции во меѓународните организации, заедно со земјите на ЕУ и НАТО ги поддржува ограничувањата на активностите на русија во рамки на меѓународните организации, усвои Декларација во Собранието за поддршка на Украина и осуда на Русија. Многу ја цениме посетата на Претседателот на Собранието Талат Џафери во Украина и неговите изјави како од државата, така и од себе лично за поддршка на Украина.

-Посебно би сакала да ја забележам помошта на компаниите, фирмите, трговските мрежи кои одговорија на повикот на Амбасадата и ни обезбедија и продолжуваат да ни обезбедуваат хуманитарна помош, која ја испраќаме во Украина.

-Им благодарам и на парламентарните и на вонпарламентарните партии кои ја изразија својата поддршка за Украина, како и на образовните институции и на обичните граѓани.

-Ние навистина ја цениме оваа помош.

Здружението на Украинци во земјава и украинската амбасада досега организираа неколку настани за поддршка на Украина. Во недела организирате изложба, можете ли да ни дадете детали за настанот?

-На 8-ми мај во Украина и во светот се одбележува Денот на сеќавање на починатите во Втората светска војна. Сите ние во Европа бевме убедени дека веќе никогаш нема да има нова војна на европско тло. Но, Русија одлучи поинаку и во центрот на Европа во XXI век таа започна брутална војна против Украина.

-Во 16:00 часот во Музејот на македонската борба ќе отвориме изложба на фотографии „XXI век. Европа. Непростливо злосторство“. Посетителите преку фотографиите ќе можат со свои очи да ги видат злосторствата на руските окупатори во Украина. Подобро е еднаш да се види отколку да се слуша лажната руска пропаганда.

Она што можеби најмногу шокираше од оваа војна се грозоморните злосторства врз цивили во Буча и другите киевски предградија. Сликата што ја видовме таму не се опишува со зборови. Украинската Рада ги смета за геноцид, а меѓународните организации се уште истражуваат. Ќе инсистирате ли настаните да бидат третирани како геноцид и дали очекувате и индивидуални казни бидејќи властите во Киев веќе имаат неколку имиња на злосторниците?

-Неодамна, двата дома на канадскиот парламент, како и парламентите на трите балтички држави, ја поддржаа изјавата со која злосторството што во моментов го врши русија во Украина се признава како геноцид врз украинскиот народ. Очекуваме слични чекори и од парламентите на другите земји, вклучително и Северна Македонија. Ова е исклучително важно за да се изведат сторителите пред лицето на правдата.

-Постапките на Русија немаат никаква врска со моралот – само со цинизмот и отвореното кршење на меѓународното право. Веќе се преземени голем број важни и досега невидени чекори, вклучително и во ПССЕ (Парламентарното Собрание на Советот на Европа), кои ќе го олеснат создавањето на специјален меѓународен кривичен трибунал за злосторствата во Украина. Во моментов се водат преговори за конечниот формат на трибуналот и опсегот на држави кои ќе бидат основатели. Руското раководство и извршителите на неговата волја задолжително ќе одговараат за злосторствата извршени на територијата на нашата земја.

-Исто така се во тек истражни дејствија во Украина, поточно пред некој ден соодветниот истражен тим го заврши прегледот и фиксирањето на воените злосторства во Ирпин. Во моментов, има прво објавено сомневање за убивање на цивили во ова многустрадално предградие на Кијив, уште 10 – за мачења и грабежи. Ќе продолжиме и понатаму да ги идентификуваме осомничените лица и да ги објавуваме нивните фотографии. Ваквите злосторства станаа можни поради неказнивост. Нашата главна цел е да ги изведеме овие случаи пред суд и секој злосторник да биде казнет.

Последниве неколку денови во тек е голема оперција за извлекување на цивили од фабриката во Мариопул. Во операцијата учествуваат и Обединети нации и е во голема мера успешна. Во фабриката ќе останат војниците, меѓу кои и странските. Дали има преговори и за нив или тие остануваат на фронтот?

-Украина продолжува да прави максимални напори за евакуирање на луѓето од Мариупол. Благодарни сме им на сите партнери кои се вклучени во подготовките за спасување и кои го обезбедуваат овој хуманитарен коридор, конкретно на Обединетите нации и на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

-Ќе продолжиме и понатаму да правиме се за да ги евакуираме нашите луѓе од „Азовстал“ и воопшто од Мариупол. Во моментов со оваа евакуација се опфатени само цивили. Но, таму сè уште имаме украински бранители, меѓу кои има и ранети, тешко ранети.

-Меѓутоа, колку и да е тешко, кревкиот преговарачки процес ќе продолжи, бидејќи се работи за спас на сите наши граѓани и херојските бранители на „Азов“.

Нападите врз истокот на Украина продолжуваат. Доњецк и Луганск остануваат претензија на Русија. Јас лично, видов решителност кај луѓето во Украина за бранење на овие територии. Дали и Украинската Влада е на истиот став? Каква ќе биде иднината на овие таканаречени самопрогласени републики?

-Јас сум од Донбас, така што многу добро ја знам историјата на овој регион. Донецк и Луганск историски се украинска земја. До XV век тоа било Диво поле. Од XV до XVIII век – е украинската козачина. Подоцна, оваа територија била населена со украински селани-бегалци кои барале слободен простор за живеење. Ова траеше до почетокот на ХIX век. И веќе во XIX век започна индустријализацијата на овој регион. Доаѓа странски капитал, британски, француски, белгиски. Јузивка (сегашен Донецк) бил европски град. Во него имало училишта, гимназии, фабрики за парфеми и слатки и друго.

-Донецката област е меѓу десетте области кои биле најмногу погодени за време на Гладоморот од 1930-тите години и репресиите. Тоа го правеа намерно. Документирано е дека изумреле од глад десетици украински села, кои подоцна ги населиле жители од русија.

-Советскиот Сојуз, комунистите вршеле активна русификација на Донбас, ги затворија украинските училишта.

-Но, вреди да се потсетиме дека нашите сигурни пријатели – Балтичките земји беа под Советска окупација од 1940-тата до 1999-тата година. Ама, тие си ја вратија слободата. И сега целиот цивилизиран демократски свет не ја признава ниту привремената анексија на Крим, ниту привремено окупираните одредени делови на Донецката и Луганската област. Рускиот режим не е вечен. Во нашиот модерен свет, процесите и настаните се развиваат исклучително брзо. Ние сме убедени дека целосно ќе го вратиме нашиот украински Донбас.

Дел од луѓето кои ги сретнав додека бев во Украина зборуваа за организирано носење цивили од Истокот во Русија. Какви се Вашите информации, дали тие доброволно одлучуваат да се евакуираат во Русија, како што тврдат руските власти или постои присилно носење цивили на руска територија?

-Можеби има луѓе кои одлучуваат да се евакуираат каде било. Кога бомбите паѓаат врз вас и немате што да јадете или пиете, евакуацијата во русија може да биде единствениот начин да преживеете. Но, има многу сведоци кои известуваат за присилна евакуација. Тоа е принудна евакуација во русија, белорусија и таканаречените „ДНР“ и „ЛНР“.

-Присилното раселување на луѓето во Русија и Белорусија од украинските градови може да биде не само физичка принуда да ја напуштат Украина, туку и создавање услови во кои луѓето имаат само два избора: да умрат или да одат во земјата-агресор.

-Кога руските војници влегоа во градовите во близина на Киев, тие ги држеа луѓето некое време, таму имаше активни воени дејства, а русите не обезбедија зелени коридори во правец на Киев како што бараше украинската страна. Русите направија свој „коридор“ – во насока на Белорусија.

-Луѓето од Мариупол ги „евакуираат“ во таканаречениот „ДНР“, а од таму во Русија. Генерално, присилното раселување е уште едно воено злосторство, кое го извршуваат руските окупатори.

-Прашањето е зошто Русија ги носи нашите луѓе на својата територија. Прво – употребата на таквото преселување на украинските граѓани за пропагандни цели. Дека наводно, многу луѓе од Украина бегаат од таканаречените „украински нацисти“ и „кијивската хунта“.

-Второ: РФ може да се обиде да ја промени демографската структура на своето население со помош на украинските граѓани. Секоја година словенското население во Русија се намалува, а Украинците можат да станат демографски ресурс за зачувување на словенскиот идентитет на државата агресор.

-Трето: Русија може да ги користи украинските граѓани како политички затвореници за политичко тргување.

-Сите овие постапки се кршење на законите и обичаите на водење војна.

Многу помош стигнува во Украина, и воена и хуманитарна. Дали сте задоволни од воената помош која ја добивате од страна на Западот? Дали се уште се бара затворање на украинското небо?

-Една од главните потреби на Украина што треба да се решат „уште вчера“ е затворање на небото за да се заштити цивилното население, градовите и селата од ракетното гранатирање на руските окупатори.

-Покривањето на територијата на Украина од руските воздушни напади е една од главните пораки на украинските власти уште од почетокот на војната. Ама, поминаа два месеци, а ситуацијата останува исто толку тешка. Русите се уште имаат предност во воздухот, што им овозможува, од една страна, активно да помагаат во напредувањето на нивните војници во Донбас и во други области, од друга страна, да бомбардираат цивили и да ја уништуваат критичната инфраструктура на Украина.

-Ние сме сведоци на тоа како Русите сега се обидуваат да ја уништат нашата железничка инфраструктура.

-Денес, проблем за Украина остануваат руските крстосувачки ракети.

Морам да Ве прашам и за оценка на однесувањето на нашите соседи. Имено, Србија и Бугарија ја осудија агресијата од страна на Русија, но се уште калкулираат со санкциите? Како Украина го оценува ова однесување?

-Бугарија, заедно со земјите од ЕУ, ги поддржа санкциите против Русија.

-Што се однесува до оценката, ќе кажам едноставно – за време на војната има жртва и има насилник. Друга вистина едноставно не постои, нема средина. Или си на страната на оние кои ги напаѓаат, или си на страната на злосторникот кој напаѓа. Или си на страната на вистината и правдата, или на страната на злото и уништувањето. Во ова историско време, секоја земја ја одредува својата иднина со својот став кон руската војна во Украина.

Сосема за крај, можно ли е прелевање на војната во други држави?

-Рускиот режим е непредвидлив, мајстор за провокации, за потресување на ситуацијата. Конкретно гледаме обиди да се испровоцира ситуацијата во Транснистрија. Затоа, ништо не може да се исклучи со путинскиот режим. Но, од друга страна, тој може да напредува колку што светот ќе му дозволи да напредува. Мора да има жесток, брз, ефективен одговор на каков било обид за такви провокации.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

19 − eleven =