Муцунски: ВМРО ДПМНЕ посакува меѓувладина конференција и преговори со ЕУ но не по секоја цена за компромис со Бугарија

You must need to login..!

Опис

Неразбирлива е позицијата на Бугарија во односите со Македонија и спротивна е со сите меѓународни конвенции. Таа истовремено штети на регионалниот интерес на ЕУ и НАТО и на западниот цивилизиран свет, изјави денеска пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во Утрински брифинг.

Муцунски оценува повеќе фактори за бугарскиот став и напоменува дека не треба да се прави компромис по секој цена со источниот сосед.

„Има различни толкувања која е позадината на тоа но мислам дека е сплет на повеќе околности. Мислам дека се работи за предизборието во Бугарија, дека се работи за влијание на трети страни кои немаат интерес Македонија да има напредок кон ЕУ и да се дестабилизира регионот, како и дестимулирање на решавањето на отворени регионални прашања, односно дека ќе се создаде праксата дека било какво решавање на спорови не носи шанса за напредок. Но критиката за власта во Македонија е огромна бидејќи дозволи да дојдеме до ваква ситуација“, изјави Муцунски.

Според него, грешката е што македонската страна нема воспоставено континуитет во надворешната политика, односно не се внимава на одлукит, кои кога се носат денес, тие имаат импликација и во наредните 5, 10, 20 години.

„Може делува просто логично дека треба да се потпишуваат договори и спогодби кои носат бенефит за нашата страна, но треба да сме свесни дека тоа може да создава импликации кои може негативно да влијаат. Договорот за добрососедство во огромен дел нема ништо ненормално, но проблемот е што ние со овој договор отворивме нов спор кој навидум постоеше но немаше никаква правна рамка. Тој е правен за да затвориме прашања, но со формирање комисија која преговара за историја…различното толкување на историјата го отежнува носењето решение. Бугарија бара и мал број други работи но ние не смееме да прифаќаме се што бараат. Јас сметам дека дипломатски може да се решаваат работите, кои на долг рок ќе обезбедат стабилност на регионот. Мислам дека тука имаше избрзани чекори“, потенцираше пратеникот.

Сепак, вели и тој и партијата посакуваат отворање на меѓувладина конференција за отпочнување на преговорите.

„Државен интерес е да ги отвориме преговорите но мора да напоменеме дека не смее по секоја цена да се праву компромис со Бугарија“, изјави Тимчо Муцунски.

Осврнувајќи се на новиот американски естаблишмент, тој очекува поголема поддршка за и поголема отвореност кон Западен Балкан, иако вели, администрацијата на Трамп ги следела претходните политики на САД во регионот.

„Американската надворешна политика е насочена кон обезбедување стабилност во регионот. Западниот Балкан не виде намален интензитет на влијание во мандатот на Доналд Трамп. Но мислам дека новиот американски естаблишмент ги знае регионалните прашања во детали. Мислам дека на голема врата ќе се нормализираат едни заладени односи кои САД ги имаше со дел од главните градови во ЕУ и тоа нас треба да не радува. Дека ќе има едно позитивно влијание и за економскиот развој во регионот“, рече Муцунски.

Тој во своето гостување, меѓу другото, упати критика кон власта за начинот на работа во Собранието и рече дека здравствената криза се користи за тесно партиски амбиции, оттаму ВМРО ДПМНЕ е против онлајн работа на Собранието.

„Нема да дозволиме оваа здравствена и економска криза да се користи како параван на Владата да си реализира други тесни амбиции кои не ја засегаат самата криза. И тука е еден обид од власта да се поедностави дека доколку немаме онлајн гласање, ние нема да бидеме респонзивни на предизвиците со кои се соочуваме…Онлајн гласање не може да има бидејќи Уставот го ограничува. Опозицијата ќе го корист механизмот на немање кворум за проекти кои што немаат никаква врска со оваа криза“, рече тој.

Муцунски се залага за отворање на државата и политичките учесници кон експертите кои се консултираат при справувањето со здравствената и економската криза и потенцира дека системот мора да работи поинаку.

„Не сум компетентен да ги судам експертите но сум компетентен како и секој граѓанин, да ги гледам бројките на заразени и смртност кои растат и секојдневно слушаме за траорни ситуации во нашите болници, што значи имаме проблем во функционалноста на системот. Зошто да се затвораме како систем наместо да го отвориме фронтот на експерти кои заедно ќе наоѓаат решенија. Глобалната пандемија треба да ја искористиме да ја намалиме поларизацијата но тоа не значи дека треба немо да се согласуваме со сите политики на власта“, објаснува пратеникот Муцунски во Утрински брифинг.

Одговарајќи на позицијата во која се наоѓа неговата партија, ВМРО ДПМНЕ, тој смета дека тие мора да бидат поотворени кон експертиза и капацитети кои според него, партијата ги има,  бидејќи смета дека колку е поквалитетна опозицијата, толку поквалитетно ќе работи и власта.

„Квалитетна опозиција значи силна држава. Секогаш кога ВМРО ДПМНЕ била силна, Македонија имала напредок. На нашата партија и е потребно сериозно обединување“, рече Тимчо Муцунски, дел од раководството на ВМРО ДПМНЕ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

3 × 4 =