Литовски: Бугарија е заглавена во санстефанската фикција и не може да ја прифати новата реалност

You must need to login..!

Опис

Во пресрет на големиот државен празник, Денот на народното востание – 11 Октомври, д-р Александар Литовски, познат историчар и експерт за периодот од 19 и 20 век, и редовен колумнист на „Слободен печат“ го прашавме од историска гледна точка да ни ги толкува сегашните состојби и односи со Бугарија.

-Не се надевав дека во 21 век повторно ќе треба да се пишуваат колумни за потсетување на значењето на датумот 11 Октомври, вели д-р Литовски за Утрински брифинг. – Мислев дека нашите државотворци партизани ќе добијат внимание оти влегоа во Втората светска војна со жар и ја извојуваа современата македонска држава. Но, македонскиот ревизионизам ги детронизира вистинските борци и ги сместува на пиедестал оние кои беа на спротив страна на барикадата. Тоа во најмала рака е чудно. Затоа мора да се пишува за да се потсети на тие борци и нив улога во создавањето на Македонија, додава Литовски

По потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија имавме големи очекувања дека меѓусебните односи ќе се средат, но се покажа дека овој договор пропадна во дупка од која тешко ќе се извлечеме. Особено кога станува збор за Втората светска војна, тоа се тие периоди кои во Бугарија би сакале да ги препишат и коригираат.

-Тоа е уште еден доказ дека допрва ќе имаме проблеми во меѓународните односи. Не изненадува ваквниот бугарски однос бидејќи Бугарија ја води политиката на антимакедонизмот и приспојување на Македонија веќе 100 години. Притоа не пропушта прилика ако може нешто да „ќари“. Така беше и во Првата и во Втората светска војна, а така е и сега кога сакаме да влеземе во Европската унија. Бугарија го користи ревизионизмот кој е на сцена во Европа и добива поддршка од некои европски сили за ова што го прави, коментира Литовски за Утрински брифинг.

Минатата недела историчарот Петар Тодоровски во Утрински брифинг рече дека во Бугарија и самите историчари имаат повремени расправи за тоа која била улогата на бугарската држава во Втората светска војна, односно дали била фашистичка држава или во тоа време на цар Симеон имало автократско владење, па може да се каже дека имало само фашистички политички струи. 

-Има дебата за ова во Бугарија, секако. Тоа е моќна држава и во поглед на историографијата е развиена. Но, сепак убедливо најголем дел од историчарите и интелектуалците се поборници на нивната големобугарска стогодишна историска фикција што пак ни ја испорачуваат со низа документи и декларации испраќани до ЕУ. Не очекувам тоа да се смени. Македонија да на нема или да ја има како втора бугарска држава е нивната цел. Оттука, сите наши попуштања се залудни. Македонија има проблем, а тоа е проблем на политиката, не на историографијата, коментира Литовски.

Тој вели дека не е на историчарите да ги решаваат современите политички проблеми, туку тоа е задача на политичарите и дипломатијата кои треба да најдат решенија за влез на Македонија во ЕУ, но не за сметка на историјата и минатото оти, според Литовски, тоа нема да ги реши проблемите. 

Литовски не очекува некаков значаен напредок во меѓусебните односи во скоро време оти Бугарија постојано ќе испорачува нови барања, како што е последното за пописот или поплаките дека кај нас се појавил говор на омраза во јавниот дискурс. Оттука, според Литовски, Бугарија ќе продолжи да нѐ блокира на патот кон ЕУ по секоја цена додека не го постигне она што си го зацртала. 

-Веројатно нема да можат да го постигнат тоа што си го зацртале. Грешката кај нас е што не сфаќаме дека во Бугарија прашањето за Македонија е многу емоционално. Тие по Османското царство се влезени во санстефнска фикција и не можат да прифатат дека сега постои некоја нова реалност. На крајот од 19 и почетокот на 20 век Петар Поп Арсов има пишувано дека тогашната егзархија „дава пари и купува ветар оти народ со пари не се купува“. Сега Бугарија се обидува да го направи истото и покрај двете катастрофи што ги има доживеано во двете светски војни. Едноставно, прашањето не е рационално, коментира Литовски за Утрински брифинг. 

Според Литовски Бугарија е заглавена во емоционална страна на ситуацијата. Тој смета дека од тие причини теми на разговор не треба да бидат историјата и малцинствата.

-Бугарија постојано ќе може да нѐ уценува, сѐ додека не се најде некој политичар кој ќе рече: во ред, сите тука сме Бугари ама Тито нѐ раздели. Апсурдна е таа прикаска и не функционира, вели Литовски.

Ставот на Литовски за решавање на оваа статус кво ситуација со Бугарија потребен е меѓунарден притисок, „инаку тие нема да излезат од санстефански фикции“.

-Ние и самите од 1991 година ја изместивме политички целата приказна од нашата победоносна филозофија и историја кон нешто што е поразена страна. Со тек на време се даде поголемо внимание врз некои процеси поврзани со Бугарија и бугарската политика, а се заборави она што беше чисто макдонско и победоносно. Чудо е што вопшто преживуваве и што сѐ уште сме Македонци, коментира Литовски за Утрински брифинг.

Целиот разговор во видеото

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

three × four =