Коце Трајановски: Моите проекти стојат во фиока, Шилегов од гордост не сака да признае дека се добри

You must need to login..!

Опис

Обвинувањата помеѓу поранешната и сегашната локална власт во Скопје се актуелизираа по последните случувања во Спортско рекреативниот комплест Треска. Но, на виделина излегоа и останатите недовршени проекти кои имаше можност да ги заврши поранешниот градоначлник Коце Трајановски но, за воља на вистината времето му истекува и на актуелниот Петре Шилегов, а финишот ни оддалеку не се гледа. Поранешниот градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски вели дека е несоодветен односот на актуелниот градоначалник кон веќе изготвените проекти.

– Секој проект што сум го оставил пред моето заминување од функцијата, Шилегов смета дека е несоодветен и недоволно добар, па изработува други проекти за истите локации и објекти. Тоа граѓаните ги чини време и пари. Мора да заборави на гордоста и инаетењето, да признае дека сум му оставил квалитетни проекти и да одговори зошто наместо да ги реализира, граѓаните се уште немаат забавен парк и универзална сала. Ние направивме проект и партерно уредување на забавниот парк. Набавивме седум реквизити од кои три се адреналински, а четири детски. Уште во 2018 година забавниот парк требаше да биде ставен во функција со набавените реквизити. Направени се и фундаментите за поставување на справите  Не знам од кои причини овој проект е стопиран и ставен во фиока. Шилегов неколку пати во јавноста кажа дека не му се допаѓа проектот, но тоа не е причина реквизитите да стојат во некој магацин, наместо да служат за радост на децата и забава за граѓаните, вели Трајановски. Во Скопје се уште нема универзална сала по неколку неуспешни обиди истата да почне да се гради одново или да се реконструира.

-Во 2017 година го направивме проектот за Универзална сала, која требаше да излега слично на постоечкиот објект, со цел да не се наруши изгледот на салата. Тој проект му го презентирав на тогашниот министер Роберт Алаѓозовски, но се покажа незаинтересираност за моите проекти, додава Трајановски. Во однос на процесот на ревитализација на спортско рекреативниот центар Треска, Коце вели дека се невистинити обвинувањата дека тој е виновен што сега овој објект е под ингеренции на Општина Сарај.

-Петре Шилегов пред почетокот на кампањата во 2017 година отиде на езерото Треска и вети дека ако го добие мандатот од граѓаните, ќе го ревитализира езерото Треска. Тогаш тој ги знаеше состојбите и под чии ингеренции е езерото, меѓутоа ги излажа граѓаните, а сега вината ја префрла врз мене ввелејќи дека во 2001 година Градот донел одлука да ја префрли надлежноста ингеренциите да ги префрли на Сарај. Тоа не е точно, го повикувам да го извади документот и таа одлука и јавно да им ја покаже на граѓаните. Вистината е дека ингеренциите се префрлени преку Владата на Македонија во ноември 2013 година. Но, грѓаните треба да знаат дека земјитештето од земјоделско е пренаменето во градежно, со цел да се овозможи градба, вели Трајановски. На прашањето зошто овие проекти не беа реализирани во неговиот мандат, Трајановски одговара дека тој и неговата администрација активно работеле на проектите, и кога веќе дошле пред самиот крај, им завршил мандатот.

– Работевме на расчистување на езерото Треска, ја испуштивме водата и го исчистивме коритото. Имавме проблем со обезбедување на вода за бањање. Требаше езерото да го наполниме со вода од реката Треска, мешутоа таа беше загадено. Отидовме дури до Кичево но дознавме дека локална депонија и фабриката во Самоков ја загадуваат реката. Потоа почнавме да бараме прочистувачи кои ќе ја прочистат водата. Меѓутоа заврши мандатот и не успеавме тоа да го реализираме. Сепак, цело време работевме на одржување на зеленилото во објектот, вели Трајановски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

eight + 3 =