Костиќ за актуелните политики: Добро е што има политички компромис, парадоксални се барањата на албанската опозиција

You must need to login..!

Опис

Иронично и парадоксално е барањето на Зијадин Села пред средбата со премиерот Зоран Заев, да се спроведе пописот кога пред неколку денови неговиот портпарол бараше истиот да се одложи. Мислам дека е залетан по политички поени, вели долгогодишната новинарка и собраниски известувач Мира Костиќ.
Коментирајќи ги актуелните политички случувања, Костиќ смета дека конечно добро е што премиерот и лидерот на опозицијата неодамна имаа лидерска средба на која остварија политички консензус за одредени прашања.

„Малку е иронично и парадоксално Села да бара да се спроведе пописот кога пред неколку дена нивниот портпарол бараше да се одложи поради пандемијата. Мислам дека се ова е во функција на фаќање политички поени бидејќи спротивно на сите очекувања, прогнози и процени, ДУИ на последните избори освои солиден број гласови, наспроти Села и Гаши кои завршија со помалку. Нивната позиција во Парламентот не е за занемарување, но мислам дека не можат да влијаат дури ни на Бадентер, бидејќи тоа правило подразбира мнозинство гласови од сите етнички заедници. Така што, си фаќаат позиција во однос на преговорите со Заев, оти суштината на нивното барање е државјанството и етничката припадност во личните карти што е нонсенс“, вели Костиќ.

Таа додава дека не се само Албанци без државјанство, туку има и Македонци кои не можат да го остварат правото на државјанство.

„По мене, сепак е недозволиво државјанин на Македонија, кој живее тука со години, да не го познава македонскиот јазик. Јас сум Србинка, мене никој не може да ме препознае по говорот дека сум од друга националност. Лојалноста кон држава подразбира добро познавање на јазикот на државата во која се остварува егзистенција“, дополнува таа.

Во однос на односот меѓу власта и опозицијата, новинарката вели, точно е дека власта ја носи примарната одговорност, но опозицијата не може да се апстинира од неа.

„Граѓаните и дале доверба преку глас на таа опозиција. Не значи дека тие треба да ги блокираат важните прашања за граѓаните само затоа што тие не се на власт. Тоа го правеа изминативе 30 години сите, освен првиот Парламент. Такво чувство за државност, за приоритетни цели, како првиот состав, немаше никој. Добро е што разговараа, ова е меѓу ретките случаи кога ги потиснуваат партиските цели. Добро е што Мицкоски омекна во ставовите. Можеби имало влијание од меѓународниот фактор. Но добро е што двајцата се најдоа на пола пат…Мислам дека поените се распределни и кај едниот и кај другиот. Овде нема победници и поразени. Ако тие двајца се клучни играчи во политиката и ако не најдат компромис, губитници сме ние граѓаните. Од оние што чекаат помош од државата за субвенции, не се сите од СДСМ, таму има бизнисмени и од ВМРО ДПМНЕ“, објаснува Костиќ.

Во разговор за Утрински брифинг, таа го сподели својот став дека било добро што се одложи пописот, бидејќи вели, во вакви услови не дека нешто повеќе ќе се зголемеше бројот на заразени, оти вирусот е присутен секаде.
„Со одлагањето се создава некаква доверба кај граѓаните дека врусот ќе стивне и дека попишувачите ќе се вакцинираат и ќе бидат пуштени во домовите. Мене лично ми пречи што министрите од ДУИ лобираат кај Албанците во дијаспората. Кога влегува партиски кадар во Влада, тој е министер на сите граѓани, не само на една етничка група. Не може на Груби да му биде примарна цел да биде признаено Косово, примарна цела треба да му биде Македонија во ЕУ. Но, ме чуди исто така нашата дијаспора во Австралија, Канада, Америка, што воопшто не покажува никаков интерес да се пријават на пописот. За чиј интерес тоа? Охридскиот Рамковен е тој. Дали се Албанците 25, 15, 30 отсто, сега за сега нема менување на Рамковниот и тој ќе се почитува така како што е потпишан. Не верувам дека некој ќе се занимава во овие услови со бројот на Албанците во Македонија. Тие се застапени во сите сфери на институциите. Не верувам дека заднината на лобирањето за пописот е тоа“, потенцира долгодишната новинарка.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

five + five =