Колку е блиску Македонија до „Unicorn“ старт ап бизнис?

You must need to login..!

Опис

Ако на Балканот веќе има шест старт-ап компании, од 2018 до 2022 година чија вредност се проценува на 1 милијарда долари, каде е Македонија во однос на условите за брзорастечки бизнис кои би влегол во таа „unicorn“ категорија?

Ова е главното прашање околу кое денеска во Утрински Брифинг дебатираа Игор Маџов, програмски директор на Startup Македонија и Мирослав Драганов од Виднет Солушнс.

Во Грција и Романија има по две такви компании, во Хрватска и Бугарија по една.

Според Драганов, амбицијата и финансиските механизми за поддршка се клучните прашања зошто македонскиот старт-ап свет не котира толку високо.

„Можеме да бидеме многу побрзи, без разлика каде сме, ама наративот кажува дека не сме некако амбициозни. Се фокусираме на мали фондови од стартот на компанијата и се залажуваме со трошки. Тие што ги даваат парите и фондовите, треба да имаат искуство со старт-апите за да дојдат од другата страна и да направат добри проценки. Кај нас има теоретски потковано луѓе многу, но ја немаат почувствувано претприемачката мака. И веројатно тие што ги даваат фондовите не се доволно амбициозни да ги бараат, а некогаш е сомнителна и распределбата на средства“, вели Драганов.

Според Маџов пак, освен финансиската поддршка, недостасува и кадарот за продажба кој би го пласирал продуктот.

„Големата поддршка постои при рана фаза, а потоа кога компанијата расте, поддршката бледнее поради недостатокот на искуство на тие што ги водат програмите за да можат да помогнат. Македонија има најголем инвестицииски рејтинг на Балканот, но каскаме со тоа што не знаеме да продадеме продукт. Најголем проблем на старт-апите во Македонија е таков продавачки кадар“, вели тој.

Драганов додава уште една забелешка на тоа што вели, проблемот со продажбата се утврдува три години наназад, а ништо не се презема.

„Меѓу другото, во Македонија големи фондови се распределуваат на многу старт-апи. На пример со 28.000 евра не може да се развива еден старт-ап. Светските пазари се испуштаат, бидејќи овде бизнисите губат неколку години занимавајќи се со трошки. Јас сум за модел во кој тој голем фонд ќе го инвестирате во осум старт-ап бизниси со голема сума и тие осум потоа ќе бидат најдобри и ќе ја вработат половина Македонија и ќе го освојат светскиот пазар“, изјави тој во Утрински Брифинг.

Адекватен пример за успешен старт-ап бизнис кој влечи македонски корени и кој може да биде првиот „unicorn“, Маџов посочува дека би можела да биде компанијата „Когнизам“.

„Не може ние со копирање на Амазон во Македонија, да направиме големи бизниси. Мора да направиме нешто што е уникатно. Еден таков пример е компанија која се вика „Когнизам“ и таа најбрзо ќе биде unicorn компанија во Македонија“, вели тој.

Помеѓу останатите проблеми кои се јавуваат со поддршка на брзорастечките компании е пристапот до институции но и недостатокот од инвестиција на големите македонски компании, велат нашите соговорници, посочувајќи дека најмногу поради непознавање на старт-ап сферата.

Според Драганов, тоа е затоа што често се гледа позадината а не иднината на иновативните компании и лицата во нив.

„Ние не можеме за жал да очекуваме од нашите приватни компании да поддржат брзорастечки компании. Има повеќе причини, од мајндсетот, до тоа што мислат дека ако ви дадат 25.000 евра и ви висат над глава, со стариот бизнис модел, ќе дојдат резултатите. Затоа треба да се бара поддршка во странски компании. Во Европа има добра поента која вели, за инвестиција не се бараат пари од родителите, а најмалку од банките. Нема зошто јас кога одам до банка да ме прашуваат мајка ми или татко ми колку парцели имаат за да ги ставам под хипотека. Ние гледаме наназад, не во идејата. Затоа ние треба да се фокусираме на брзи и големи инвестиции“, вели Драганов.

Повеќе погледнете во разговорот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

4 × 1 =