Катерина Колозова: Феминизмот значи борба за еднаквост меѓу мажите и жените и не треба да се плашиме од тој поим

You must need to login..!

Опис

Во разговор за развојот на феминизмот во земјава, професорката Катерина Колозова, директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки, меѓу другото основачка на првите родови студии во Македонија, го објаснува контекстот во кој се развивала свесноста за женските права и поимот за род и родова еднаквост.

„Кога во 1999/2000 година се формираше првиот Центар за родови студии, ние всушност го воведувавме поимот на родот, се надминуваа разликите помеѓу поимите на пол и род, тоа беше и темата на една од првите конференции што ги организиравме за регионот на Централно источна Европа, на која гостуваше и Џудит Батлер. Низ голем број неформални школи од кои потекнаа стотици активисти и истражувачи, потоа низ акредитациите за постдипломски родови студии, ние всушност го воведувавме поимот на род како идентитетска а не биолошка категорија“, рече Колозова. За разлика од родот кој е веќе усвоен, феминизмот се’ уште се сфаќа како нешто туѓо и премногу радикално. „Поимот феминизам се доживува како опасен или радикален и тоа не само кај нас затоа што сме помалку развиена средина.

Пред неколку години, холивудски ѕвезди изјавуваа дека се за женски права, ама не и за феминизам, или кажуваа: „јас сум за феминизам но не сум за радикален феминизам“, значи тоа изедначување на феминизмот со нешто радикално и денес е проблем и не само кај нас, туку глобално, дури и во развиените средини. Тоа што ние го правевме пред повеќе од деценија, беше преку неформални школи, потоа и формални студии да објасниме дека феминизмот е едноставно борба за еднаквост меѓу мажите и жените, не истоветност, тоа не значи дека мажите и жените се исто и дека меѓу нив нема идентитески и поинакви разлики, некои од нив проблематични, како социо-економските нееднаквости во прилог на мажите, но некои од нив треба да се афирмираат. Треба да се објасни дека феминизмот не е ништо повеќе од тезата дека двата пола или родови треба да бидат рамноправни, вклучувајќи ги и трансродовите жени

. Феминизмот ја има таа специфика за разлика од родовите теми да инсистира меѓу двата рода, па дури и родовите да се мултиплицитетно слоевити. Ако тоа го објасниме тогаш поимот на феминизмот нема да биде таков баук, нема да ги плаши или одбива жените затоа што би било јасно дека нема ништо опасно дека половината од човештвото треба да биде рамноправна со другата половина. Кога ќе се објасни тоа, дека нема ништо пореволуционерно или скандалозно во тоа, тогаш ќе биде поприфатлив. За да се случи тоа, повторно се потребни неформални школи, обуки, настани каде поимот феминизам ќе се објаснува, ќе се приближува аргументирано, бидејќи имавме пауза од десет и повеќе години“, вели за Утрински брифинг, Колозова.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

1 × 2 =