Златко Марин: Ќе побарам уште еден мандат, ако дозволи партијата

You must need to login..!

Опис

Иако во јавноста се добива впечаток дека во Аеродром се градат голем број згради, морам да кажам дека тоа не е точно. Од друга страна, зградите кои што гледате дека се градат се од затекнатите урбанистички планови од 2012-2013 година, рече градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, во интервју за Утрински брифинг.

-Јас како градоначалник стојам на зборам дека нема да издавам одобренија за градби и да правам Детален урбанистички план со кој ќе се овозможи континуитет на градбата во централното јадро на Аеродром. Планираме да го урбанизираме потегот на Трета македонска бригада, кој што во моментов е индустриска зона, како и во делови од населба Лисиче, изјави Марин. До крајот на неговиот четиригодишен мандат останаа уште пет месици. Голем дел од ветените проекти во предизборната кампања останаа нереалзирани, на што Марин одговара дека голем дел од проектите се отпочнати или се во подготовка.

-За да се направи еден капитален проект неопходна е подолга процедура. Веќе имаме изградено една градинка, а активностите за другата се во тек. Донесено е идејното решение за општинската зграда, во моментов се изработува основниот проект. Исто така направивме доградба на училиштето „Лазо Ангеловски“ во кое повеќе нема да има трета смена, а реконструирано е и училиштето „Димитар Македонски“. Постигнавме и договор со Министерство за здравство за изградба на нова амбуланта во населба Лисиче. За да можам да ги реализирам проектите кои се отпочнати, ќе побарам доверба од граѓаните за уште еден мандат, но пред тоа за моето евентуално кандидирање на локалните избори, ќе одлучи мојата политичка партија. Сепак, проектите кои се веќе започнати, секако ќе бидат завршени, но убаво би било ако јас сум ги започнал, јас и да ги завршам, вели Златко Мерин. Голем број критики стигнаа на негова адреса, посебно откако си набави скап „ајфон“ од дури 1.600 евра, и најави изградба на голф терени кои ќе чинат 2,5 милиони евра, па дури и откако неодамна дел од фонтаните во Аеродром ги затрупа со земја и во нив насади цвеќиња.

-Телефоните кои што ги набавивме јас и дел од администрацијата, не се купени, туку добиени по пат на субвенции од мобилната мрежа на која сме претплатени. Никој не треба да се сомнева, јас одговорно тврдам дека ниту еден службен телефон не е купен со парите на граѓаните, односно од Буџетот на општината. Што се однесува на теренот за голф, морам да кажам дека не станува збор за инвестиција на Општината. Потпишавме меморандум за соработка со голф федерацијата, по што ќе следува соработка со инвеститор преку јавно приватно партнерство. Верувам дека ќе привлече голем број посетители и од локалното население, но и од туристи од цела држава и странство, информира Марин и додава дека фонтаните биле пренаменети во големи саксии на барање на граѓаните, бидејќи истите подолги години не биле во функција.

Општина Аеродром формира ново јавно претпријатие, што ги тера граѓаните да стравуваат дека тоа ќе значи нови вработувања и одлевање на пари од буџетот за плати. Меѓутоа градоначалникот тврди дека претпријатието нема импликации врз буџетот на Општината, а ќе овозможи полесна реализација на некои проекти.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

eleven − 4 =