Диздаревиќ: Катастрофа е што во книжарниците не можат да се најдат класичните дела од македонската книжевност

You must need to login..!

Опис

Овој месец се навршуваат сто години од смртта на Марко Цепенков, најпознатиот собирач на народни умотворби и еден од првите прозаисти и раскажувачи во македонската книжевна историја. Издавачката куќа „Арс Ламина“ одбележувајќи ја годишнината неодамна ја објави неговата автобиографија.

„Се работи за помалку позната книга од опусот на Цепенков, таа е повеќе позната на експртската јавност, но не толку на читателската публика. Својата автобиографија ја напишал при крајот на 19-от век и првпат е публикувана во Македонија во шеесеттите години на 20-от век од реномираниот фолклорист Кирил Пенушлиски. Се одлучивме текстот да не го реобјавиме во неговото автентично издание, туку да го прилагодиме за деца и го издадовме во едицијата „Читанки“, текстот е поделен на пет поглавја, книгата содржи речник на непознати зборови и поговор од проф. д-р Наташа Аврамовска од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во однос на јазикот го осовременивме текстот, што е чувствителна работа бидејќи тоа може целосно да го измени текстот, но ние гледавме да бидеме многу внимателни и Анета Пауновска која го направи осовременувањето на јазикот, во суштина не менуваше ништо во структурата на реченицата, туку се обидуваше да го направи почитлив, а оставен е целиот фонд на зборови иако тој содржи архаизми, турцизми, грцизми и направивме речник на помалку познати зборови.

Ова издание е наш обид од книжевен и културолошки аспект да го реактуелизираме овој текст на Цепенков и истовремено да го приближиме до најмладата публика. Нашата интенција е да ги реобјавиме класичните дела на македонската книжевност од крајот на 19-от и 20-от век, ги издадовме делата на Петре М. Андреевски со илустрации од неговата внука Воскресија Андреевска, а планираме да ги објавиме и делата на Живко Чинго, Димитар Солев, а главниот поттик беше што речиси ниедно од овие дела не може да се најде во македонските книжарници, односно нема нови изданија, а тоа е една голема катастрофа за македонската култура и македонскиот јазик“, вели за Утрински брифинг, Ведран Диздаревиќ, уредник во издавачката куќа „Арс Ламина“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

one × four =