Дерала: ЦИВИЛ е спремна, заканите со црни КОВИД сценарија не смејат да го поколебаат граѓанинот да излезе и да гласа – неговата одлука е пресудна

You must need to login..!

Опис

Првиот човек на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во Утрински брифинг со новинарката Кристина Атовска разговараше за претстојните предвремени избори што треба да се одржат на 15 јули. Тој нагласи дека ЦИВИЛ набљудува избори веќе 12 години, од 20 години постоење на организацијата. Меѓу другите прашања поврзани со изборниот процес, Дерала говореше и за политичките кампањи, се поприсутната појава на лажните вести, опасноста од говорот на омраза, за спиновите, како и за изборниот процес за денот на гласање.

-Ние започнавме со долгорочното мониторирање на изборниот процес, односно на изборните контексти на политичките процеси и настани уште на 21 октомври минатата година, на 20 октомври политичките лидери се договорија да има предвремени избори, а ние веќе наредниот ден го вклучивме тој модул на набљудување кое ни е континуирано, го спроведуваме во доменот на човекови права и слободи.

-Ние исто така очекувајќи откако изборите се откажаа на 12 април, дека ќе се одржат на 21 јуни, бевме и се уште сме речиси целосно подготвени да излеземе на терен, со што ова ни дава повеќе простор да можеме да мобилизираме уште повеќе набљудувачи. Имавме намера да набљудуваме со околу 200, меѓутоа бројот на набљудувачи ќе го зголемиме за една третина, и некаде околу 300 набљудувачи ќе имаме на терен кога ќе се одржат изборите.

-Во моментов дваесетина долгорочни набљудували секојдневно ја следат ситуацијата и ни испраќаат одредени извешатаи во изборен контекст за тоа што се случува во нивните средини, изјави Џабир Дерала околу подготовките на ЦИВИЛ за претстојните избори и додаде дека набљудувачите на оваа организација ќе бидат максимално заштитени според сите светски протоколи кои меѓудругото се и препораки од Владата на Република Северна Македонија.

-Апсолутно е потребна дополнителна обука, не затоа што нашите набљудувачи не знаат како да се заштитат, меѓутоа тоа е во стандардите и ние мора да им испорачаме материјали, упатстава и се што е потребно тие да бидат заштитени, исто така и да ги заштитат граѓанките и граѓаните од себе. Тоа е наш стандард кој ги исполнува максимално сите услови, принципи за заштита на нашите набљудувачи во секоја смисла на зборот, од безбедност до законитост, и со сегашната ситуација за заштита од коронавирусот.

Во продолжение прочитајте и погледнете го интервјуто со г-дин Дерала.

Ова се први избори на кои ќе се гласа во посебни здравствени мерки, досега не сме биле на избори под маски, со ракавици, тука се сите процедури на идентификација на гласачот, а потоа она осигурување дека гласачот претходно не гласал, а тоа е спрејот и ред други работи од процесот на самото гласање кој трае многу кратко. Но, овие избори се со посебни мерки и дали тоа може да влијае на легитимитетот на изборите бидејќи се појавија и такви сомнежи и загриженост кај одредени лица. Дали вие како набљудувачи видовте дека некоја мерка може да фрли сомнеж и на некој начин може да го наруши легитимитетот на изборите?

-Не би требало да има здравтвена мерка која може да наруши легитимитет на изборен процес, а притоа да се испушти и да се загрози здравјето на граѓаните, тоа никако не смееме да го размислуваме на тој начин. Се разбира дека здравствените мерки се во согласност со јавното здравје, со здравјето на секој човек којшто ќе оди да гласа. Тие мерки мора да бидат максимални. Што се однесува до легитимитетот на изборите, видете, ако погледнете на спрејот тоа беше малку понижувачка мерка која се спроведуваше години наназад за да може да се утврди дека човекот што гласа сигурно не гласал и на друго место. За маските и за потврдувањето на идентитетот убеден сум дека институциите ќе се погрижат да го направат процесот на тој начин да се утврди идентитетот и да се заштити здравјето на гласачите, бидејќи тоа е врвот на сите приоритети за нас како организација која набљудува. Неодамна во вашата емисија за првпат кажавме дека воведовме таканаречена Корона категорија на набљудување, односно ќе внимаваме кој и како се придржува кон здравствените мерки за заштита од коронавирусот и гласно ќе реагираме во текот на денот ќе имаме 6-7 прес конференции и на секое место каде што ќе забележиме дека некој ги крши тие здравствени мерки и протоколи ќе реагираме навистина гласно.

За тое што ќе гласаат ден претходно, односно болните и изнемоштени, ние имаме план да го набљудуваме и тој ден во помал обем се разбира, бидејќи нашето внимание ќе биде посветено на денот на гласање.

Дали и за ДИК ќе треба дополнителна обука, бидејќи и вашите набљудувачи на денот на гласање ќе бидат во истите простории каде што се наоѓаат и изборните комисии. Дали сметате дека и таму се потребни дополнителни обуки и што ќе се случи доколку и кај вас, но, и лица од изборниот одбор побараат да бидат иземени поради здравствени причини. Можно ли е да се јави проблем во смилса на недостаток на луѓе, на кадар?

-За ДИК не знам бидејќи тоа се голема бројка на луѓе, што се однесува до нас, интересот е навистина голем и заради тоа го зголемуваме бројот на набљудувачи. Нема откажувања поради коронавирусот, мислам дека од 220 луѓе само 6 се откажаа и не сум сигурен дали сите се откажаа поради страв од коронавирусот туку и заради други причини. Веќе имаме над 150 апликации кои не сме ги решиле. Ние сите ќе ги обучиме дополнително. Доколку некој од нашите набљудувачи по поплака на граѓани, избирачки одбори, друг набљудувач доколку не се придржува кон здравствените протоколи важат истите правила како и во другите сфери. Ако не се придржува кон законите, до добрите изборни практики, до кодексот на набљудување кој секој од нив го потпишува без исклучок, тогаш тие на лице место се дисквалификуваат, односно се иземаат од процесот на набљудување.

-Избирачките одбори се нешто друго, во сите изборни процеси ние забележуваме дека во голем број случаи на кршење на изборниот законик, односно на процедурите на гласање ги прават токму членовите на избирачките одбори. Но исто така забележуваме и извесен напредок и од изборен процес до изборен процес гледаме дека тие напредуваат во таа смисла и верувам дека на овие избори ќе бидат сведени на минимум нивните прекршувања. Инаку сме виделе се и сешто на избирачките одбори од мартадели, ракии, до музики итн. Меѓутоа се надевам дека во овие избори ќе бидат одговорни и совесни.

Во овие избори ќе нема вобичаени големи митинзи, каква кампања очекувате? Дали ќе има повеќе политика во медиумите, отколку вобичаените митинзи?

-Кај нас во организацијата има проценки, односно има извештаи за досегашниот тек на кампањата бидејќи таа трае да се разбереме, и започна предвреме. Но, тоа што со сигурност можеме да предвидиме е дека кампањата нема да биде помалку интензивна поради тоа што нема да има собирање, бидејќи помали собирања веќе гледаме дека има, дури и самите политички партии и нивни ограноци се истрчуваат и се фалат на Фејсбук како вејат знамиња, се гушкаат итн. На овие избори очекуваме да биде многу жестоко и валкано на социјалните мрежи. Тоа ќе биде поткрепено од одредени медиуми кои одамна ги имаат прекршено сите медиумски стандарди и етика, меѓутоа социјалните мрежи ќе бидат бојното поле на кое ќе се судрат две големи концепции и две спротивставени концепции. Дел од нив ќе се служат со валкани средства, со лажни вести, со говор на омраза, ќе се служат со разни манипулации со спинување на вестите. Треба да се биде многу внимателен, бидејќи ние како организација сме сопственици на поголема медиумска платформа за информирање на граѓанките и граѓаните. Но некогаш колку и да се внимава едноставно се провлекуваат грешки, бидејќи многу е софистицирана е машинеријата која стои зад некои партии за да може да пласираат содржини кои ќе им дадат предност, макар и таа да е нечесна.

Какви се вашите очекувања за излезноста, дали граѓаните ќе излезат на гласање со оглед на ситуацијата со Ковид-19?

-Граѓаните може да не излезат во голем број на гласање за да го исполнат своето уставно право на глас, не заради стравот од коронавирусот туку од стравот од коронавирусот кој ќе им го набијат одредени политички структури кои ќе гледаат да ја намалат излезноста. Безбедно ќе биде да се гласа, сигурен сум дека ќе биде побезбедно отколку кога ние одиме во продавница да купиме тоа што ни е неопходно за живот. Меѓутоа веќе има одредени структури кои упатуваат на тоа дека ќе биде опасно да се гласа, дека ќе биде старшно по животот и здравјето итн. Кога ќе се појават ќе видите за што зборувам сега, но бидејќи сигналите и симптомите веќе се таму, утврдени се, нема да биде опасно меѓутоа зависно од тоа колку таа црна кампања ќе успее, толку ќе биде намален бројот на гласачите на избирачките места. Меѓутоа, затоа се тука и невладините организации кои ќе работата на јакнење на јавната свест од сите аспекти за изборачкиот процес и се разбира да ги бодрат гласачите да го искористат своето право на глас, бидејќи граѓанското учество во изборите и во одлуките за време на изборите е пресудно.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

12 − two =