Грчев: Централен грабеж на локално ниво

You must need to login..!

Опис

На само четири дена до првиот круг гласање за нови општински власти, во кампањата за локалните избори бргу се премина од локални на национални теми. Се разговара за сѐ, но не се споменува филозофијата на живеење по макдонските градови и населени места. За оваа тема во Утрински бригинг поразговаравме со некогашниот градоначалник на Општина Центар, професорот Мирослав Грчев.

-Кампањата за овие локални избори не ја следам особено. Сега се занимавам со пишување законодавство за областа на урбанизмот и градењето, а тоа е најконкретната алатка на лококалната самоуправа. Можам да кажам дека локалната самоуправа пропаѓа веќе 30 години. Во времето на распаѓањето на Југославија, Македонија одлучи дека е најдобро да биде централизирана држава поради стравот од понатамошно распаѓање. Таа почетна грешка на чуден начин се заборави, вели професорот Грчев.

Тој потсетува дека во тоа време, во деведесеттите години општините практично престанаа да постојат, им беа сосечени сите приходи и станаа зависни од централната власт.

-Најстрашно за таа култура на живеење е што станавме најцентрализирана држава во Европа. А општината е најстар начин на организирање за решавање на проблемите на луѓето како што се чистиот возух и вода, домот и домувањето, потоа забавата, работата, школувањето и здравството, објаснува професорот.

Во последно време, согласно урнекот во Европската унија каде што се стремиме, почна да се врши трансформација во насока на децентрализација, како на буџетот на пример. Иако е фрапантно што сѐ уште е најголемиот дел од буџетот на општините доаѓа од комунални такси и надоместоци.

-Кога општините останаа без приходи, државата им го заплени и имотот со кој располагаа, како Трговски центар и становите, на пример. Тоа сега е заборавено. За да можеш да се самоуправуваш треба да ги имаш сите потребни средства, и законски и кадровски, а заборавен е и домаќинлукот. Колку се полокални проблемите треба да се решаваат локално, а не на централно ниво. Тоа до ден денес не се разбира, вели Грчев за Утрински брифинг.

Професорот вели дека државата ги презеде и не ги испушти работите околку локалното. Тој додава дека планирањето никогаш не беше одземено затоа што тоа би било противуставно, но и ден денес преголем број централни институции се мешаат и ги блокираат тие локални работи.

-Тоа отуѓување, грабеж од страна на централната власт предизвикува менување на свеста. Се заборава знаењето. Во општините на позиции доаѓаат партиски војници, вели Грчев.

За „урбаната мафија“ професорот Грчев вели дека тоа е мистификација, збор кој не значи ништо, а служи да не се лоцира виновникот.

-Кога сѐ им се одзеде на општините им останаа само комуналиите, а тоа може да се намири само ако има градба, а градба има каде што има интерес за градба и за вложување на капитал. Оттука започнува интересот и на инвеститорите, но и на жителите да инсистираат на што повеќе и што повисоки градби, вели Грчев за Утрински брифинг.

Како поранешен градоначалник на општина Центар, Мирослав Грчев честопати беше обвинуван дека го преизградил и уништил Дебар Маало.

-За време на моето градоначалникување јас не го градев Дебар Маало, тоа го правеше централната власт. Првиот план за Дебар Маало е донсен во 2002, вели Грчев за Утрински брифинг.

Ако зборуваме за филозофија на живеењето една од претпоставките е таа да биде формирана околу знаењето во уредувањето на животот во општините за што професорот Грчев вели дека се губи. Сега имаме ситуација кога за позиции во локалната власт каде треба да се решаваат проблеми поврзани со живеењето на граѓаните се кандидираат луѓе кои немаат никакво познавање на оваа проблематика.

-Депрофесионализацијата и заборавот, а не лошата филозофија, трае 30 години. Цивилизациски, има успони и падови на градовите. Тоа оди не само политички туку и со процут на културата и знаењето. Кога ќе ја уништите функционалноста на општината, таа пропаѓа. Југославија имаше најнапреден систем на децентрализација за обезбедување самосвесност и самостојност. Во најпросперитетните земји општините имаат над 50% од јавните пари да се трошат на локално ниво. Во Југославија тоа беа 30-50%. Во деведесеттите само 2-3% од јавните пари беа наменети за општините, потсетува Грчев.

Тој вели дека не може да влијае надвор од сферата на својата експертиза, па така учестувал во пишувањето ан Законот за урбанизам кој веќе е донесен, а во постапка е Законот за градење.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

thirteen − 7 =