Богојески: Сега треба да сме склони кон решение, клучот не е кај Захариева и Борисов туку кај Радев

You must need to login..!

Опис

Претседателот на Бугарија, Румен Радев ќе излезе со готова експертска влада во услови кога не може да се создаде стабилно мнозинство. Клучот за решението на спорот не е веќе во рацете на Борисов, Захариева и Каракачанов, туку во рацете на Радев, вели Петар Богојески, поранешен генерален секретар во ВМРО-ДПМНЕ и иницијатор на политичката платформа „Македонски концепт“.

„Има простор да се разговара разумно за ова прашање, кое е јасна злоупотреба на позицијата земја-членка на ЕУ. Ние сега треба да се фокусираме на решавање на проблемот, да не се случи како со Грција да олади спорот, туку да се фокусираме на решение. Моите информации се дека Радев поодамна има таква цел. Клучот за решението на спорот не е веќе во рацете на Борисов, Захариева и Каракачанов, туку во рацете на Радев“, вели Богојески.

Според него, резултатите од изборите во Бугарија покажуваат дека последните извештаи за состојбата со криминалот и корупцијата од меѓународната заедница и Стејт департментот вродиле со плод.

„Тоа беа клучни пораки кои ја делигитимираа целата анти-македонска кампања во Бугарија“, коментира политичарот.

Во однос на поразот кој Красимир Каракачанов и неговата партија го доживееја на вчерашните избори, Богојески вели тоа е така бидејќи младите Бугари не сакаат политики од 19.век.

„Каракачанов го киднапираше Сојузот на македонските друштва и го претвори во Бугарско национално движење (БНД). Тој се смета себе за наследник на историското ВМРО и поради тоа е најекспониран во македонската јавност. Тој одлучи да го искористи македонското прашање да ги придобие сите што ја мразат Македонија, а бараше глас од македонските Бугари. На овие избори со поразот испратена му е порака дека има грешна политика. Тој нема да биде дел од новата власт. Младите не гласаа за него, тој ќе паѓа уште подолу“, вели Богојески.

Тој потенцираше дека, иако мал број, Македонците кои имаат било каква врска со Бугарија гласаа за Демократска Бугарија, односно поддржале модерна демократска опција.

„Во однос пак на шоуменот Слави Трифунов, кој излезе втор на изборите, јас мислам дека било кој херој од К-15 да се кандидира во Македонија, ќе ја добие поддршката. На луѓето им е преку глава од истите политичари кои не прават ништо сериозно, преку глава од сите случувања и гласаат за шоумен кој ќе ги забавува. Младите гласале за Трифунов за да покажат дека не зависи се од политичарите кога се во ЕУ. Да се надеваме дека Трифунов ќе олабави со политиката кон Македонија“, коментира Богојески.

Во Утрински брифинг, иницијаторот на Македонски концепт тврди дека интелектуалнио дел од Бугарија им удрил шамар на некои политичари кои сметале дека доколку имаат отворен конфликт со Македонија, ќе ги добијат гласовите.

„Се што правеа последните шест месеци, тие остри напади…интелектуалниот дел од Бугарија им покажа дека се погрешни“, заклучува Богојески.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

three × three =