Битиќи контра Неделков: Владата не е против покачување на платите, но синдикатот мора да ги почитува договорите

You must need to login..!

Опис

Денеска започна голем штрајк во образованието. Штрајкот очигледно е започнат, а не им се даде шанса на преговорите од страна на СОНК од каде почнаа со штрајкот иако имаше апели да продолжат разговорите, вели за Утрински брифинг Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

-Во некои општини има настава. Поентата е да не се жртвува образованието на децата кои веќе две години беа лишени од воспитно-образовен процес. Ние возразните би требало да бидеме поразумни, вели Битиќи.

Битиќи вели дека ние како општество поминуваме низ процеси кои не се случувале порано, се дава шанса за разговори и преговори. Преговори не значат да се постави ултиматум, а така беше и со првиот состанок за минимална плата кога синдикатот излезе со барање и рече дека нема отстапување па тогаш зошто би преговарале, коментира Битиќи.

-Прво беше зголемување на минималната плата, второ беше усогласување на платите со минималната во рок од шест месеци и за тоа се согласи и СОНК кој сега штрајкува. На преговори се договоривме за тие шест месеци период и СОНК се согласи, а три дена по почнувањето на минималната плата СОНК прогласува штрајк, вели Битиќи.

Во разговорот со министерот Битиќи се вклучи и претседателот на СОНК, Јаким Неделков според кого сите синдикални организации кои што членуваат во СОНК, како и оние кои што доброволно сакаат да се приклучат кон штрајкот ќе штрајкуваат.

-Сметам дека штрајкот не е избрзан туку задоцнет. Тоа е од причина што ова е финишот од недоразбирањата во однос на примената на Законите и колективните договори. Ова прашање го актуелизираме наназад 4 години. Не би сакал да се политизира социјалниот статус на дејностите кои ги застапуваме. Уште од 2017 и 2018 година почнавме со протести и сметаме дека мора да се применува Законот за минимална плата. Затоа прашувам зошто толку време не се усогласени платите, па да поверувам дека за шест месеци ќе се усогласат, вели Неделков.

-СОНК докажа дека сака да седне и да преговара и да се остварат правата. Не сакаме да се добие впечаток дека по секоја цена сакаме да штрајкуваме. Ние протестираме, штрајкуваме за непочитување на Законите и колективните договори, вели Неделков за Утрински брифинг.

Неделков вели дека очекува деновиве да се седне со Владата и да се најде заедничко решение во однос на зголемување на платата. Мора да се најде системско решение, вели претседателот на СОНК.

Битиќи се согласува со СОНК дека е задоцнета мерката на усогласување на платите веќе 20 години.

-Ние како Влада не сме против покачување на платите. Подобрувањето на животниот стандард на граѓаните е највисок приоритет на оваа влада. Рековме дека ќе има и усогласување, но треба да сме свесни за состојбите, вели Битиќи за Утрински брифинг.

Нареден чекор на Владата е продолжување на преговорите, вели Битиќи, но кревањето на очекувањата во ваков период на кризи кога има голема неизвесност, не е соодветно.

-Владата ги презема и мора да ги преземе мерките да ја сочува макроекономската стабилност. Ако минималната плата се зголемува 18 отсто, а инфлацијата е 8 отсто тогаш тие пари сѐ уште вредат. Треба системско решение да се најде кое ќе ги задоволи двете страни. Ние зборуваме за целиот јавен сектор од 140 илјади луѓе и тоа прашање мора системски да се реши. Уште вечерва веројатно ќе седнеме да разговараме, вели Битиќи.

-Не ни е целта да по секоја цена да штрајкуваме. За преговори сме секогаш отворени. Системското решение е второ по однос на прекинување на штрајкот, прво е зголемување на платите. Ова е не е закана или уцена. Во секој случај имаме разбирање во каква ситуација е буџетот и не би оделе со максималистички барања. Отворени сме за соработка, коментиира Неделков за Утрински брифинг.

Луѓето од јавен сектор се 24 отсто од сите вработени, вели Битиќи и додава дека никој не ги прашува за мислење оние 76 отсто дали да им се зголемат платите. Рационализација и реформи во јавниот сектор се случуваат во време кога нема криза, но прво почна ковид-кризата, па другите кризи и не успеавме да го реализираме планот што го имавме за реформи на администрацијата, вели Битиќи за Утрински брифинг.

-На сите треба да ни е јасно дека следните месеци ќе бидат тешки месеци. Цената на електричната енергија е висока, а ние мораме да најдеме начин да го субвенционираме тоа, вели Битиќи.

Владата мора да се насочи кон субвенционирање на земјоделството и тоа е нужно за да се обезбеди храна, појаснува Битиќи. Тој додава дека се зголемени површини на кои се одгледува жито, а зголемен е и сточниот фонд.

Во врска со генералните секретари на Владата кои завршија во притвор, Битиќи вели дека треба да се почитува пресумпцијата на невиност, а владеењето на правото не може да биде половично, правото важи за сите и независно кој на која позиција е ако некој згрешил ќе треба да се испита случајот.

-Не е добро чувството, сеедно за кого станува збор, оти се фрла сенка врз работењето на целата Влада, вели Битиќи за Утрински брифинг.

Повеќе во видеото

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

12 − 9 =