🎥 📞Ацески: Ова што го прават верски водачи е надвор од разумна, Божја природа и треба кривична одговорност ако пандемијата се прошири

You must need to login..!

Опис

Јас, би рекол дури и малку наивно, очекував дека верските водачи ќе бидат доследни во примената на мерките кои што ги спроведува владата. Со ова што се случува нема играње. Тие мора тоа да го разберат иако од тоа егзистираат, но опасноста која е присутна на ваков начин мора да се почитува и да бидат пример како треба да се однесуваме во ова време. Тие не се над законот и државата и институциите треба да постапуваат како и према секој друг граѓанин кој ќе ги прекрши правилата. Тука нема исклучок.

Мојата интерпретација е дека сега природата го враќа ударот врз човекот, кој што според многумина е канцер за оваа природа. Човекот ја уништува до тој степен што се доведува во прашење и неговиот опстанок. Човекот мора да се опамети дека повеќе не може така да се однесува. Ова што го прават нашите верски водачи е надвор од разумна, Божја природа и треба да си сносат санкции, изјави за Утрински брифинг универзитетскиот професор и социолог, Илија Ацески.

-Во овој случај тие што се врвот на верската хиерархија треба да ја сносат одговорноста. Ако ја немаат таа моќ тогаш станува збор за нешто друго, една анархична состојба која кој знае како ќе резултира. Она што се прави е големо зло, вели Ацески.

Универзитетскиот професор и социолог, Илија Ацески смета дека ова што се случува веќе неколку месеци како последица од корона вирусот ќе остави последици врз граѓаните.

-Состојбава го загрозува индивидуалниот живот. Вие кога сте во војна на некој начин, има друго чувство. Но сега како да нашата егзистенција на индивидуално ниво зависи од нас самите. Во едно длабоко поделено, раслоено општество каде што добар дел од луѓето живеат во сиромаштија, кај поедницеот создава друга филозофија на борба, дека сега нема враќање на нормала како пред КОВИД-19 и дека сега ќе почнеме да го вреднуваме животот на некои основи кои до вчера беа незамисливи или претпоставени како теории. Јас овие 30 години ја проучував и сферата на екологијата. За човекот да живее нормално на земјата, по се изгледа ќе му требаат уште две или три планети за да го прехранат. Од друга страна глобалната поделеност – огромна сиромаштија и огромно богатство создава кај единката филозофија на борба за која што се уште не можеме да претпоставиме што ќе изроди, вели Ацески.

Македонија мора да се соочи со она што го губи во тоа природно богатство. Необработена земја, запуштени шуми, природа за која не водиме сметка, преголема урбана концентрација. Природата ќе ги повлече сите компоненти за справување со ова, изјави Ацески.

Развојот на технологијата, прераспределбата на моќта е прашање за тоа како во иднина ќе се справи човекот. Тој процес – глобализација да, но во исто време индивидуализација на човекот, на себе препознавање како единка, тука лежи еден од главните проблеми во изведување на можна револуција, радикална промена. Таа радикална промена кај поединецот е што станува многу свесен за себе си, за своето јас. Како тоа ќе се направи е голема енигма.

Социологот Илија Ацески вели дека овој период (КОВИД-19) направил револуционерна коренита промена на нашиот менталитет за физичка дистанца, со оглед тоа дека сме научени на поздравување со рака, прегрнување.

Околу се поизвесните избори, Ацески смета дека треба да настане едно рационално смирување на партиско-политичките страсти.

-Политичките партии следат на која позиција стојат кај гласачите и сметам дека треба да поминат уште 10-20 дена за да се види дали смирувањето на пандемијата е реално или може да се повтори. Едно од сценаријата е избори, припрема за второто ниво на КОВИД. Па пак ново одложување на изборите би можело да доведе до едни тешки последици во политичкиот живот во Македонија, вели универзитетскиот професор и социолог, Илија Ацески.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

15 + 2 =