Артан Садику: Ако сакате да видите како ќе изгледа општеството за 20 години, одете на биенале на млади уметници

You must need to login..!

Опис

Вечерва, во 20 часот, во Музејот на современата уметност ќе биде отворено 13. Меѓународното биенале на млади уметници со наслов „Страст за лутање“.

„Современата уметност и сите поставки денес веќе сами по себе се политички чин, бидејќи се трудат да направат некаков рез во континуитетот на општеството или пак да направат процеп во сегашната мисла за политичкото организирање на општеството и сегашното гледање на нештата и се трудат да отворат нови гледишта. Историски, уметноста секогаш била претскажувач на промените во општеството или отворала нови теми кои во моментот можеби не биле прифатени, но подоцна кога се случувале промените секогаш реферирале на одредена уметност, визуелна, пишана или други форми. Затоа и во концепцијата за оваа година повикот за бесцелно талкање се мотивираше од самите услови во кои почна да се организира Биеналето, а тоа беа условите на пандемија и особено на ограничувањето на правото на движење. Кога сите станаа свесни за тоа ограничување и тоа стана модел на секојдневниот живот, правото на движење ние го искористивме како иницијална мотивација за да го радикализираме прашањето на слобода на движење не само во услови на пандемија, туку и во услови на она што го нарекуваме враќање во нормала или нормален живот.

Всушност прашањето што сакаме да го поставиме е колку навистина ние сме слободни за да бесцелно талкаме во општеството, за да го живееме животот без наложување, кое во конкретниот случај е наложување од страна на праксите на капитализмот, а тоа е осум часа работно време, па потоа подготовки за утрешниот работен ден и во така зададените практики, без да постои процеп за талкање, тешко дека може да се измисли нова општествена практика која ќе биде попрогресивна и која нема да биде толку експлоататорска кон луѓето. Ако сакате да видиме како ќе изгледа нашиот, град, општеството и можеби и светот за дваесети години, одете на биеналињата на млади уметници, бидејќи тамунајчесто се наговестува кои се идеите на поновата генерација, на кој начин тие ги третираат тие идеи и колкав е потенцијалот за тие идеи да ги вметнат во општеството и да направат промена“, вели за Утрински брифинг Артан Садику, еден од кураторите на Биеналето на млади уметници.

Утре (20 мај), во 20 часот, публиката е поканета да ги погледне делата на младите уметници, кои ќе бидат изложени во Природонаучниот музеј, додека на 21 мај ќе се одржи отворање во Музејот на Македонија. Изложбената поставка во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи ќе биде отворена за посетители на 22 мај.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

twelve − 9 =