Ангелов: Имаме нефункционален ЦУК, ако не успеам да го средам, самиот ќе се повлечам

You must need to login..!

Опис

Истрагата за случајот со заглавеното лице во Кратово нема да открие нешто што ние не го знаеме. Слабостите на целиот систем за управување со кризи се добро познати во Владата и една од причините зошто сум директор таму е за отстранување на овие затекнати слабости, вели Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи изминативе четири месеци.

„Центарот за управување со кризи како врховно координативно тело за решавање на кризи постои пред се да врши проценка на опасностите. Тотално нефункционалниот систем на ЦУК изгледа така што прво прави проценка, па превенција, па известување/тревога. Проблемот е што ЦУК и Дирекцијата за заштита и сапсување вршат слични надлежности. Ние како институција се занимаваме со кризи од поголем обем, не за судбината на еден или двајца луѓе. Јас претпоставувам дека на крајот од истрагата нема да има индивидуална одговорност бидејќи се работи за системска слабост“, вели Ангелов.

Според него има доза на контроверзност самиот случај и прашува зошто лекарот не го третирал лицето внатре во куќата имајќи предвид дека се работело за тежок терен.

„Зошто не се третирало лицето внатре додека не пристигне соодветна екипа во тој шумски терен? Оперативецот на ЦУК во Кратово ги запазил сите процедури, му биле побарани џип или трактор, па тој се јавил во полиција, но оттаму синџирот е нефункционален…Нашата комисија ќе ја разгледува улогата на нашиот оперативец, ќе ја видиме неговата одговорност“, вели Ангелов.

За својата работа како директор на ЦУК, Стојанче Ангелов, вели има целосно одврзани раце од Владата но за жал затекнал нефункционален систем.

„Јас сум таму четири месеци и ја простудирав работата на ЦУК и целиот систем е организирана дезорганизација. Не може толку да се утнати работите таму. Јас имам одврзани раце за да формирам работна група со професори и луѓе од ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување и да понудам решенија. Пандемијата навистина не успори. Во ЦУК имавме клучни луѓе болни од Ковид, болеста не успорува, но оптимист сум дека во наредните шест месеци ќе ги имаме контурите и доколку не успеам да го средам Центарот, самиот ќе се повлечам“, вели Ангелов.

Според него, мора да се направи реформа во буџетот на ЦУК и да се ангажираат лица од повеќе сфери кои на терен би биле конкретни, а не да се бара помош од полицијата и од специјалната единица „Тигри“ за секоја теренска криза.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

19 − 17 =