Анализа: Путин е опседнат со историја, а со војната во Југославија видовме колку е тоа опасно

You must need to login..!

Опис

Професорот Денко Малески со своите колумни се обидува да ја освести јавноста за опасноста што доаѓа од истокот со инвазијата на Русија врз Украина.

-Јас сум дете на Студената војна. Европа во тоа време беше наредена со нуклеарни ракети и ние во тоа време живеевме во страв од нуклеарна војна. И културата беше под влијание на тоа и се создаваа дела на тема што би се случило по никлеарна катастрофа. Таа тензија опадна по распадот на Советскиот сојуз. Сега имаме една опасна ситуација во Русија, една структура која влече континуитет од Средниот век. Парламентот, партиите не го дефинираат националниот интерес на Русија туку тоа го прави еден човек. Што мисли Путин и кои му се плановите може да разбереме од застрашувачкиот говор пред инвазијата на Украина. Видовме дека е опседнат со минатото. Така беше и за време на војната во Југославија. Ако на Путин му е целта империјална Русија, тогаш може да се очекува сешто, вели Малески за Утрински брифинг.

Професорот Владо Бучковски, кој беше и министер за одбрана, за Утрински брифинг вели дека не очекува деескалација на ситуацијата во Украина, туку напротив, имајќи ги предвид уличните борби во Харков и големата колона оклопни возила што оди кон Киев.

-Путин вчера се изјасни во разговор со Макрон дека бара неутрален статус на Украина, бара демилитаризација и денацификација, забравајќи дека Зеленски е Евреин чие семејство дало жртви во борбата против фашизмот. Добро е што ние покажуваме дека сојузништвото со НАТО ни е битно и се солидаризираме со помошта за Украина, вели Бучковски.

Тој додава дека реакцијата на јавното мислење во Европа, но и реакцијата и поддршката на украинскиот народ на претседателот Зеленски предизвика промена на реториката на европската политика.

-Главната опасност за мене е незнаењето, не се трудиме да го образуваме народот, да го еманципираме од тие наслаги од минатото и да го издигнеме кон вредностите на запад кон кои се определивме – демократија, слобода, отворено општество. На луѓето им е полесно да го прифатат рускиот став кон нас да не се менуваме, а потешко им е да ги прифатат барањата за промени што доаѓаат од западот, вели професор Малески.

Професорот Бучковски вели дека влијанието на Русија во Македонија е минорно но не е незначително.

-Битно е што ќе се случува во Бугарија каде Русија има најголемо влијание на Балканот после Србија. Доаѓа интересен период на дистанцирање на пријателите на Путин од него. Македонија треба реално да продолжи да гради единство меѓу опозицијата и власта. Нас кога ни беше најтешко во 2001 година, Русија мининално ни помогна, а Украина ни помогна максинално и тоа не смееме да го заборавиме, вели Бучковски.

Проследете го целиот разговор во видеото

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

2 × five =