Анализа: Едно општество за сите како гаранција за нашата државност

You must need to login..!

Опис

Граѓанските организации завчера имаа конструктивна средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата на РСМ, на која се разговараше за насоките и спроведувањето на мултикултурализмот, како заложба не само на Владата туку и на политичките партии во власта кои мултикултурализмот го внесоа и во своите програми.

Преку проектот „Едно општество за сите“ Владата настојува на своите вредности за толеранцијата, правичноста, еднаквите можности, признавање на различностите, мултикултурализмот и интеркултурната комуникација.

За тоа до каде е имплементацијата на овој проект во Утрински брифинг разговаравме со граѓанските активисти Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – центар за слобода, и Рубин Земон, еден од креаторите на Едно општество за сите.

-За изненадување, многу позитивна средба имавме со Ковачевски оти речиси и не очекувавме дека во вакво кризно време ќе се најде време за темите како што се мултикултурализмот, изборите и изборните реформи и дезинформациите во контекст на украинската криза, што се извонредно битни теми за кои разговаравме час и половина. Сфативме дека Ковачевски, иако општата перцепција за него е технократска, многу добро ја разбира стратегијата на мултикултурализмот. Стратегијата е столб за безбедноста и стабилноста на нашето општество. Тој не троши пари, но многу враќа, па дури и во економијата на подолг рок, вели Дерала.

Политичкиот проект Едно општество за сите, како национална стратегија, го води Роберт Алаѓозовски како координатор на телото за мултикултурализам. Сега треба да се направи евалуација на она што досега е направено на темата мултикултурализам, а ќе се разговара и за следната пет годишна стратегија со сите засегнати страни, најавува Рубин Земон.

-Забележуваме дека поголем проблем за спроведување на стратегијата има на пониски нивоа, каде што сѐ уште има остатоци од претходниот режим. Во последниот период можеме да забележиме подобрување на кохезивноста и интерсекторската соработка во Владата, вели Дерала.

-Уште кога се планираше стратегијата од ДУИ имавме прилично голема резервираност, секретарите не доаѓаа на состаноци, но кога порасна меѓународната поддршка и ДУИ се заинтересира. Во време на безбеднони кризи, каква што е оваа со Украина, се гледа колку е битен мултикултурализмот, вели Земон.

Дерала дополнува дека меѓународните фактори многу добро ја разбираат политичката важност за безбедноста на земјата на овој концепт Едно општество за сите, оти пропагандните центри прво ќе се обидат да ја разбија кохезивноста на општеството.

-Јавноста многу малку знае за Едно општество за сите. Тоа не е само еднаквост, само недискриминација… треба да се гледа холистички и да се информира јавноста преку промоција на самата идеја за едно општество за сите, вели Земон.

-Една од петте препораки што ги испорачавме до Владата преку Ковачевски е дека Едно општество за сите како содржина не е доволно застапена во јавноста. Од друга страна и интересот на медиумите е слаб. Ако сега разговаравме за некоја меѓуетничкка тепачка сите ќе сакаа да слушаат и гледаат. Можеби ќе треба и ние да го смениме аголот. Затоа јас ја ставам безбедноста на општеството на прво место. Ако нема заедништво, ќе има меѓуетничко насилство и насилство меѓу различни групи, вели Дерала.

Во врска со односите со Бугарија, Земон коментира дека кога мнозинската заедница во земјава е разнишана многу е тешко да се гради мултикултурализам.

-Луѓето станаа цинични, дури и оние кои се космополитски ориентирани. Но, треба да се има разбирање и за тоа. Овој концепт е гаранција за македонскиот идентитет, вели Дерала.

Земон додава дека уште Гоце Дечев зборува за муликултурализмот како концепт на македонската држава.

Целиот разговор погледнете го во видеото

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

four × 1 =